Русија повторно го нападна Киев: Загина жена, најмалку 22 повредени, спасувачите трагаат по затрупани

Балистички ракети погодија најмалку седум делови од украинската престолнина. Урнат е магацин, избувнаа пожари, а украинските власти предупредуваат дека резервите од ракети „Патриот“ се намалуваат.

Најмалку едно лице загина, а 22 се повредени во нов руски напад со балистички ракети врз Киев, соопштија украинските власти. Според Градската воена администрација, нападот предизвикал штета во најмалку седум градски окрузи. Загинала една жена, додека меѓу повредените има лица кои биле извлечени од урнатините.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека спасувачите успеале да извлечат две лица од срушен магацин, но потрагата продолжува бидејќи постои стравување дека под урнатините има уште затрупани.

Во повеќе делови од градот избувнале пожари по ударите, а украинската противвоздушна одбрана била активирана во обид да ги пресретне ракетите.

Киев во последните недели е сè почеста цел на руски ракетни напади. Само во саботата, во претходен напад врз главниот град, загинаа најмалку девет лица, а повеќе од 30 беа повредени.

Во меѓувреме, украинските власти предупредуваат дека резервите на пресретнувачки ракети за системите „Патриот“, клучни за одбрана од балистички ракети, се намалуваат, што дополнително ја отежнува заштитата на градовите од вакви напади.

е-Трн да боцка во твојот инбокс