Русија повторно го става Киев под директна закана. Министерството за надворешни работи во Москва соопшти дека руските сили ќе изведуваат „систематски напади“ врз цели во украинската престолнина, за кои тврди дека се поврзани со военото командување, центрите за донесување одлуки и производството на дронови. Истовремено, Москва ги повика странските државјани и дипломатите да го напуштат Киев „што е можно поскоро“, а жителите да се држат подалеку од воени и административни објекти.
Во телефонски разговор со американскиот државен секретар Марко Рубио, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го информирал Вашингтон дека Русија планира удари врз локации во Киев поврзани со украинската војска. Според руското МНР, нападите се претставуваат како одговор на украински удари врз цивилни цели и инфраструктура на територии под руска контрола.
Украина ги оцени руските закани како уцена. Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека повикот до странските дипломати да го напуштат Киев покажува дека Москва сака не само да напаѓа, туку и да го заплашува дипломатскиот кор. Од Киев велат дека руските напади врз главниот град практично не престанале од почетокот на војната и дека безбедносната закана од Москва останува иста како и во изминатите години.
Еден од најтешките напади врз Киев
Заканата доаѓа по масовниот руски напад врз Киев и околината, во кој беа употребени стотици дронови и ракети. Според Reuters, Русија во нападот употребила и хиперсонична ракета „Орешник“, третпат од почетокот на војната. Украинските власти соопштија дека во нападот загинале најмалку четири лица, а околу 100 биле повредени.
Нападот предизвика оштетувања во повеќе делови на Киев, вклучувајќи станбени и комерцијални објекти, училишта и јавна инфраструктура. Европски лидери го осудија нападот како нова ескалација, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Русија мора да се соочи со последици за нападите врз цивилни градови.
Москва тврди дека нападите се одмазда за украински удар врз објект во Старобилск, во окупираниот дел од Луганск, каде што, според руските тврдења, загинале 21 лице. Украинската страна потврди дека извршила напад, но наведе дека целта била елитна руска единица за дронови, а не цивилен објект.
Киев како порака до Западот
Новата закана кон Киев не е само воена порака до Украина, туку и политички сигнал до западните земји што имаат дипломатско присуство во главниот град. Повикот странските дипломати да се евакуираат ја става во фокус и безбедноста на амбасадите, но и прашањето дали Москва се обидува преку притисок врз дипломатскиот кор да испрати порака до западните влади.
Во војна во која дроновите, ракетите и противвоздушната одбрана ја диктираат секојдневната безбедност на украинските градови, најавата за „систематски напади“ врз Киев значи нова фаза на психолошки и воен притисок. За жителите на главниот град, тоа значи уште една недела во која сирените, засолништата и неизвесноста остануваат дел од нормалниот живот.