Русија нападна товарен брод во Црното Море: Загинаа пет членови на екипажот, се трага по исчезнати

Руски напад врз товарен брод во Црното Море однесе пет животи. Осум членови на екипажот се спасени, а по уште петмина се трага. Украина тврди дека цел бил цивилен брод со меѓународен екипаж.

Најмалку пет членови на екипажот загинаа, осум се спасени, а по уште петмина сè уште се трага, откако руски сили нападнаа меѓународен товарен брод во Црното Море, во близина на украинското пристаниште Одеса. Според украинскиот премиер Сергиј Корецки, бродот, кој пловел под знамето на Гвинеја-Бисау, испловил од Одеса натоварен со пченка. На него се наоѓале 17 морнари од Индија и Сирија, како и еден украински државјанин.

Москва засега не се огласи за нападот. Украинските власти соопштија дека станува збор за цивилен товарен брод со меѓународен екипаж, кој пловел по рута важна за глобалното снабдување со храна.

„Ова е цивилен брод, со меѓународен екипаж, на рута од клучно значење за светската безбедност на храната. Путин повторно избра цивилна цел“, напиша вршителот на должност министер за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, на социјалната мрежа Икс.

Во последните недели Русија ги засили нападите врз украинските црноморски пристаништа преку кои се извезуваат житарки и друг стратешки товар. Само еден ден претходно, едно лице загина во руски напад врз пристанишната инфраструктура во Одеса, при што беше погоден брод што пловел под знамето на Антигва и Барбуда. Во петокот, пак, во нападите врз Одеса и Миколаив загинаа уште три лица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс