Најмалку едно лице загина, а десет се повредени во рускиот ракетен напад врз Киев, соопштија украинските власти. Во нападот, извршен доцна синоќа, биле погодени образовна установа, станбени објекти, метро-станица и медицински установи, објави Ројтерс.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти на Телеграм дека едно лице загинало во близина на супермаркет. Украинската Државна служба за вонредни ситуации извести дека телото било пронајдено покрај тешко оштетена станбена зграда.
Повредени и студенти во студентски дом
Според Кличко, десет лица се повредени во нападот. Меѓу нив има и лица што се наоѓале пред студентскиот дом на Државниот универзитет за трговија и економија, на источниот брег на реката Днепар.
Деветмина повредени биле пренесени во болница, а тројца се во тешка состојба. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во моментот на неговото обраќање сè уште немало конечни податоци за бројот на загинати и повредени.
„Засега не се знае точниот број на луѓе. Но, за жал, има загинати и повредени. Спасувачките операции се во тек“, напиша Зеленски на Телеграм.
Зеленски бара побрза испорака на противвоздушна одбрана
По нападот, украинскиот претседател повторно повика да се отстранат доцнењата во испораката на оружје за противвоздушна одбрана.
„Токму во вакви услови, кога заканата е постојана, кога нападите можат да се случат во секој момент и да погодат градови и села, вештачкото одложување на испораката на противвоздушна одбрана за Украина му помага на теророт“, порача Зеленски.
Претходно во текот на денот, тој изјави дека Украина чека одобрение од американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет за испорака на клучни ракети за системите „Патриот“ и „НАСАМС“.
„Речиси еден месец чекаме господинот Хегсет да ја одобри испораката на ракети за системите „Патриот“ и „НАСАМС“. Му наложив на нашиот тим повторно да го покрене ова прашање со американската страна“, напиша Зеленски на платформата Икс.
Оштетени и медицински установи, прекини во снабдувањето со струја
Според Кличко, во две медицински установи од експлозиите биле искршени прозорците. Повредени биле и двајца членови на итната медицинска служба кои се упатиле кон едно од местата погодени во нападите. Сведоци на Ројтерс известиле дека низ градот се слушнале серија експлозии. Во делови од Киев, на источниот брег на Днепар, имало и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
На неофицијални канали на Телеграм беа објавени фотографии од оштетувања на метро-станица и трамвај. Москва негира дека намерно гаѓа цивили, додека украинските власти известуваат за штетите врз станбени објекти и инфраструктурата во престолнината.
