Компанијата „Епл“ во понеделникот потврди дека одреден број примероци од нејзиниот прв преклопен телефон, „ајфон дуо“, имаат проблеми со внатрешниот екран. Компанијата најави дека на засегнатите корисници ќе им понуди замена на уредот.
Испораките на новиот модел почнаа минатата недела, а ограничените залихи предизвикаа голем интерес кај купувачите. Првите количини достапни преку интернет-продажба биле распродадени за само неколку минути, додека купувачи во повеќе земји чекале во редици за да го набават телефонот.
Аналитичарите претходно предупредија дека компанијата може да се соочи со проблеми во снабдувањето, бидејќи производството на уред што се преклопува како книга е технички сложено.
Пукнатини и линии во близина на шарката
Во текот на викендот, на социјалните мрежи се појавија фотографии и објави од корисници на кои се гледаат пукнатини и линии на внатрешниот екран, во централниот дел на телефонот, токму на местото каде што уредот се преклопува.
„Свесни сме за проблем што го зафаќа внатрешниот екран на мал број уреди „ајфон дуо“. Корисниците што ќе забележат проблеми со екранот треба да ја контактираат службата „Епл кер“ за да добијат замена“, соопшти компанијата.
„Епл“ не објасни што точно го предизвикува дефектот, но наведе дека кај засегнатите уреди тој обично се појавува кратко време по почетокот на користењето.
Анализа укажува на можно оптоварување под екранот
Компанијата „Ајфиксит“, позната по анализите на внатрешната конструкција на електронските уреди и упатствата за нивна поправка, ја испитувала шарката на новиот телефон. За анализата користела видеоснимки од расклопување на уредот, патенти и снимки добиени со компјутерска томографија.
Врз основа на тридимензионална симулација, „Ајфиксит“ утврдила дека пријавените оштетувања се групираат непосредно под местото каде што кабелот на екранот минува под дисплејот, во близина на централната потпорна шипка. Според анализата, можно е тој дел од конструкцијата да не се поместува доволно при преклопувањето на телефонот, што би создавало дополнително механичко оптоварување токму во областа каде што се појавуваат оштетувањата.
„Епл“ не се огласи веднаш во врска со овие наоди. Сепак, „Ајфиксит“ оцени дека „ајфон дуо“ е најлесниот за поправка меѓу преклопните телефони што досега ги тестирала компанијата.
Потсетување на проблемите со првиот „Галакси фолд“
Франциско Херонимо, потпретседател на компанијата за истражување на пазарот И-Ди-Си, оцени дека брзата понуда за замена е добар прв чекор во справувањето со проблемот. „Сите се сеќаваме на проблемите што ги имаше Самсунг со првиот модел „Галакси фолд“ во 2019 година. Тој случај, сепак, покажа и дека брзата и транспарентна реакција може да ги ограничи негативните последици за целата категорија производи“, изјави Херонимо, пренесува „Ројтерс“.
За „Епл“, начинот на кој ќе се справи со првите пријави за дефекти може да биде важен за довербата на купувачите во новата категорија уреди. Засега, компанијата не објави што го предизвикува проблемот, ниту колкав е вкупниот број засегнати телефони.
