Русија го нападна Киев со балистички ракети и 121 дрон: Повредени најмалку 11 лица

Русија изврши масовен ноќен напад врз Киев со балистички и крстосувачки ракети и 121 дрон. Повредени се најмалку 11 лица, а оштетени се станбени и деловни објекти.

Најмалку 11 лица, меѓу кои и едно дете, се повредени во масовниот руски воздушен напад врз Киев, извршен во текот на ноќта кон саботата. Во нападот биле употребени балистички и крстосувачки ракети, како и голем број беспилотни летала, при што биле предизвикани пожари и значителна материјална штета во украинската престолнина.

Според украинските воздухопловни сили, Русија лансирала шест балистички ракети „Искандер“, четири крстосувачки ракети Х-59/69, две противрадарски ракети Х-31 и 121 нападен дрон кон цели низ Украина.

Украинската противвоздушна одбрана соопшти дека 111 дронови биле соборени или електронски неутрализирани, како и две крстосувачки ракети. Сепак, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека дел од балистичките ракети успеале да ги погодат своите цели.

Пожари и оштетена цивилна инфраструктура

Во Киев биле погодени или оштетени станбени згради, деловни објекти и верски образовен центар. Пожари избувнале во повеќе градски реони, а спасувачките служби интервенирале на неколку локации. Градоначалникот Виталиј Кличко ги повика граѓаните да останат во засолништата додека траела воздушната опасност.

Според локалните власти во Свјатошинскиот реон бил погоден нестанбен објект, во Дарницкиот реон се запалила трансформаторска станица, во Соломјанскиот реон избувнал пожар во трикатна деловна зграда, Зеленски бара побрза испорака на системи „Патриот“.

Претседателот Зеленски повторно ги повика западните сојузници да ја забрзаат испораката на договорените системи за противвоздушна одбрана и ракети, нагласувајќи дека Украина се соочува со недостиг од муниција за системите „Патриот“, кои се меѓу ретките способни да пресретнуваат балистички ракети.

Тој истакна дека цивилната инфраструктура била погодена уште пред да биде активирана воздушната тревога.

Напади и во Одеса и Харков

Руското Министерство за одбрана соопшти дека цел на нападите биле објекти поврзани со производството на украински дронови и пристанишната инфраструктура во Одеската област. Овие тврдења засега не можат независно да се потврдат.

Во одделен руски напад врз Одеса загинале две лица, а едно е повредено. Во Харков, пак, напад со дрон врз цивилен објект повредил уште седум лица. Според досегашните информации, во руските напади низ Украина во текот на денот се повредени најмалку 19 лица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс