Русија повторно го привлече вниманието на светската јавност со тестирањето на „Посејдон“ – беспилотно подводно оружје на нуклеарен погон за кое се тврди дека може да предизвика радиоактивни цунами и огромни разурнувања долж крајбрежјата. Рускиот претседател Vladimir Putin изјави дека системот успешно бил тестиран и дека станува збор за оружје кое речиси не може да биде пресретнато.
Според анализите, „Посејдон“ е подводно суперторпедо долго околу 20 метри, со дострел до 10.000 километри и брзина од околу 185 километри на час. Експертите наведуваат дека ова оружје може да носи нуклеарна боева глава од две мегатони, што е повеќекратно помоќно од бомбите фрлени врз Хирошима и Нагасаки за време на Втората светска војна.
Најголем страв предизвикува можноста за создавање огромни радиоактивни бранови по детонацијата. Иако дел од научниците се сомневаат во реалната моќ на такво цунами, предупредуваат дека радиоактивното загадување би имало катастрофални последици за луѓето и екосистемите покрај бреговите. Радијацијата што се ослободува во вода може да остане присутна со децении.
Како пример често се наведуваат нуклеарните тестови на САД на атолот Бикини во Пацификот, каде и повеќе од шест децении подоцна се регистрира висока радиоактивност, што го прави регионот небезбеден за живот и риболов.
Покрај „Посејдон“, Русија неодамна ја тестираше и крстосувачката ракета „Буревестник“, исто така со нуклеарен погон. Според руските власти, ракетата може да лета екстремно долго и да поминува огромни растојанија, што дополнително ги зголемува стравувањата од нова трка во вооружување меѓу светските сили.
Путин порача дека Русија ќе продолжи да го развива својот нуклеарен и стратешки потенцијал, нагласувајќи дека ваквите проекти се дел од долгорочната воена стратегија на земјата.