Кристијано Роналдо повторно се најде во центарот на вниманието на Светското првенство 2026, откако со два погодоци ја предводеше Португалија до убедлива победа од 5:0 над Узбекистан.
По последниот судиски свиреж, 41-годишниот капитен на Португалија испрати кратка, но моќна порака: „Се вратив“.
Со двата гола Роналдо стана првиот фудбалер во историјата кој постигнал погодок на шест различни Светски првенства, додавајќи уште едно историско достигнување во својата богата кариера.
Во изјава по натпреварот, тој објасни што сакал да порача со зборовите „Се вратив“.
„За да не заборават“, кусо одговори Роналдо.
Запрашан дали ова е најдобриот одговор на критиките што ги доби по слабиот настап во првото коло против ДР Конго, Португалецот беше директен:
„Секогаш“, рече тој.
Роналдо призна дека изминатите денови биле особено тешки за него и за репрезентацијата.
„Пресреќен сум, но најважно е што тимот покажа карактер. Цела недела бевме под жестоки критики. Знаевме дека тоа ќе се случи, но продолживме да работиме и значително се подобривме. Понекогаш од лошите работи произлегува нешто добро“, изјави тој.
Со десетте голови на Светските првенства, Роналдо го надмина и легендарниот Еузебио на листата на најдобри португалски стрелци на мундијалите.
„Секогаш е убаво да се рушат рекорди, но најважно е репрезентацијата да ги оствари своите цели. Мислам дека со освоените четири бода практично го обезбедивме пласманот понатаму и затоа сум многу задоволен“, додаде Роналдо.
Тој откри дека минувал низ тежок период по критиките што ги добил.
„Тоа беше тежок и мрачен период. Речиси веќе ме испратија во пензија, но издржав, како и секогаш. Верувам во работата и знаев дека соиграчите ќе ми помогнат. Беше тешко, морам да признаам, но се вративме“, порача португалската ѕвезда.
Во меѓувреме, неговиот долгогодишен ривал Лионел Меси игра одличен турнир и руши сопствени рекорди. Сепак, кога новинарите го прашале Роналдо за настапите на Аргентинецот, неговиот одговор бил исклучително краток.
„Не ми е гајле за Меси“, изјавил Роналдо, пренесуваат португалските медиуми.