Ромите надвор од Собрание

Македонското собрание доби нов состав во кој нема ниту еден припадник на ромската етничка заедница

Ваквиот наслов можеби звучи како слоган извикуван на некој расистички или крајно десничарски собир. Или можеби на некој марш на црнокошулаши (замислете колони кои се движат со запалени факели, знамиња, и транспаренти) или на нивна конвенција во некоја пивница, каде што го обзнануваат нивниот план, нивната доктрина до која ќе се држат ако дојдат на власт.

 „Ромите надвор од Собрание!“ – можам и да замислам како би одекнувал овој слоган од грлата на присутните…

Но, не. Насловот се однесува на една политичка реалност која се случува во Македонија за прв пат од нејзиното осамостојување – Ромите се надвор од Собрание!

Каде замина идејата дека во највисокиот законодавен дом има место за сите? Дека таму се негува мултикултурализмот, различноста, плурализмот…суштината на македонското општество во кое сите се еднакви?

Ромите се наши земјаци и комшии од кога знаеме за себе. Отсекогаш се тука, покрај нас. И отсекогаш се жртви на неверојатна омраза, отсекогаш гледани како пониска „сорта“, отсекогаш малтретирани, злоупотребувани, напаѓани, бркани, исмејувани. Ромите имаат најмали шанси да се стекнат со образование. Најмалку ги има на факултетите. Најмали шанси имаат за пристап до здравствени услуги. Најмали шанси за успешна кариера. Најмали шанси да доживеат длабока старост… Кога зборуваме за дискриминација по сите основи, зборуваме за Ромите.

Во триесет и трите годинина самостојност, во македонското собрание имало 6 пратеници Роми: Фаик Абди, Амди Бајрам, Неждет Мустафа, Шабан Салиу, Самка Ибраимовски и Латифа Шиковска. Сите тие биле дел од коалиции со поголеми партии, од кои понекогаш се оттргнувале за време на мандатот.

Од 1991 до 1994 година Партијата за целосна еманципација на Ромите е застапувана во парламентот од страна на Абди Фарик. Од 1994 ди 1998, тој бил член на Партијата за целосна еманципација на Ромите, а потоа и независен пратеник. Од 1998 до 2002 година, Амди Бајрам од Сојузот на Ромите во Македонија е дел од парламентарното собрание. Во 2002 Неждет Мустафа  од Обединета партија на Ромите од Македонија е во собраниските клупи до 2006 година. Во 2006 покрај него, во Собранието влегува и Шабан Салиу од Демократските сили на Ромите. Во 2008 година Амди Бајрам како дел од коалицијата на Сојузот на Ромите со ВМРО ДПМНЕ е преставник на Ромите во собранието до 2011 година, а потоа и до 2016 година како дел од истата коалиција. Од 2016 до 2020, Самка Ибраимовски од Партија за целосна еманципација е дел од собранискиот состав и колаицијата со СДСМ. Во истиот состав  е и Амди Бајрам од Сојуз на Ромите од Македонија како дел од коалицијата со ВМРО ДПМНЕ. Од  2020 до 2024 единствена претставничкана ромите во собранието е Латифа Шиковска од СДСМ.

Во 2024 во собранието нема Роми.

Начинот на кој се спроведуваат изборите кај нас, со шест изборни единици, е погубен за помалите политички ентитети, било да се мали политички партии или мали етнички заедници како што е ромската. Во услови кога Ромите се присутни речиси на секаде, но во мал број, тие не можат да го остварат целосно својот потенцијал да бидат претставени во парламентот. Кога би постоела една изборна единица, би можеле во идеални услови да очекуваат барем четири пратеници, а вака тешко дека можат да освојат и едно место. Повторно на маргините, повторно обесправени, повторно невидливи.

Трагично лошиот статус на Ромите, исто така влијае на застапеноста во собранието. Гласовите на сиромашните се најефтини и масовно се купуваат. И тоа не е чудно, ниту е одлика само на ромската заедница – 1000 денари се триесет лебови – триесет дена надвор од канџите на гладот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни