Вечерва во 21:00 часот во Црквата Св. Софија во Охрид, во склоп на Охридско Лето, концерт ќе одржат Ирина Мурезану и Даниел дел Пино.
Романската виолинистка Ирина Мурезану и шпанскиот пијанист Даниел Дел Пино го претставуваат возбудливото музичко патување „Од Букурешт до Мадрид“инспирирано од нивното лично културно наследство.
Како што кажува насловoт, репертоарот музички и географски го следи патот кој води од едниот до другиот град со попатни станици во Унгарија, Австрија, Германија и Франција кои се претставени со делата на значајни композитори од овие земји.
Музичкото партнерство на ова дуо започнува на престижниот фестивал за музика во Њупорт во 2019 година, и од тогаш тие заеднички настапуваат во салите низ САД и Европа. Двајцата уметници имаат завидни солистички кариери, а заедно на подиумот на стандардниот репертоар му носат свежа и моќна енергија.
Ирина Мурезану и Даниел дел Пино ги поврзува и заедничкиот интерес да креираат програми кои се музички комплексни, но истовремено подеднакво интересни и едукативни за публика од сите возрасти.