Бури го погодија шпанскиот брег, eдно лице загина

Областа околу Барселона доби до 80 литри дожд на квадратен метар за само неколку часа, а уште пообилни врнежи од дожд ја погодија Валенсија

Едно лице загина во силните бури што ги погодија областите околу Барселона и Валенсија на медитеранскиот брег на Шпанија, предизвикувајќи поплави и проблеми во сообраќајот.

Мажот бил однесен од својот автомобил додека се обидувал да премине мал поток во близина на Оливела, југозападно од Барселона, соопштија пожарникарите. Спасувачките екипи го пронашле неговото тело неколку часа подоцна. Шпанскиот весник „Ла Вангардија“ објави дека мажот бил британски државјанин кој живеел во областа.

Во среда, областа околу Барселона доби до 80 литри дожд на квадратен метар за само неколку часа. Уште пообилни врнежи од дожд ја погодија Валенсија и околните области, каде што наврнаа до 100 литри дожд на квадратен метар. Летовите беа откажани, а локалниот сообраќај беше во прекин и во Барселона и во Валенсија. Патиштата во североисточна Шпанија се претворија во порои, а подруми беа поплавени.

Налетите на ветер достигнаа брзина и до 100 километри на час и искорнаа бројни дрвја. Поради бурата мораше да се откаже фудбалски натпревар од првата лига. Патиштата беа поплавени и во регионот Мурсија. Регионот Валенсија беше погоден од една од најлошите поплави во шпанската историја во октомври 2024 година, при што загинаа најмалку 229 луѓе и предизвика штета од милијарди евра.

Шпанската национална метеоролошка служба AEMET предупреди дека затоплувањето на Средоземното Море, поврзано со климатските промени, би можело да доведе до почести екстремни врнежи од дожд

е-Трн да боцка во твојот инбокс