Премиерот на Малта, Роберт Абела, денеска ќе положи заклетва за нов мандат, откако неговата владејачка Лабуристичка партија ја освои четвртата последователна победа на парламентарните избори. Иако партијата повторно обезбеди мнозинство во парламентот, предноста е помала во споредба со изборите од 2022 година.
Абела изјави дека изборната победа претставува успех за сите граѓани и е резултат на програмата што ја понудила неговата партија. Според него, резултатите потврдуваат дека добил силна поддршка од гласачите за продолжување на политиките во наредниот период.
Лидерот на опозициската Националистичка партија, Алекс Борг, го призна поразот, но нагласи дека разликата меѓу двете најголеми партии е значително намалена во однос на претходните избори.
Изборите се одржаа во саботата, а излезноста достигна 87,4 проценти, што претставува благо зголемување во споредба со претходниот изборен циклус. По објавувањето на резултатите, поддржувачите на Лабуристичката партија организираа прослави низ земјата.
Вонредните избори беа распишани една година пред редовниот термин, а Абела како причина ја наведе неизвесната меѓународна состојба. Малта во изминатата година забележа економски раст од четири проценти и останува меѓу најуспешните европски економии со ниска стапка на невработеност.
Сепак, властите се соочуваат со предизвици поврзани со глобалните економски движења и можниот раст на инфлацијата. Како држава која во голема мера зависи од увозот и туризмот, Малта е особено чувствителна на поскапувањето на енергенсите и транспортните трошоци.
На изборите учествуваа шест политички партии, но Лабуристичката и Националистичката партија остануваат доминантни политички сили во земјата и единствени кои континуирано освојуваат пратенички места во парламентот од 1966 година.