Оперскиот пејач и првенец на Националната опера и балет, Ристе Велков, и неговиот 20-годишен син Адам се меѓу четворицата загинати во тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи на скопската обиколница, пренесува Сакам да кажам. Според објавените информации, Велков го управувал патничкото возило „бмв“, во кое биле неговиот син и уште две лица.
Несреќата се случила околу 23 часот, на обиколницата на Град Скопје, помеѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци. Според официјалните информации од МВР, 76-годишен возач од Косово, управувајќи товарно возило „ман“ со полуприколка и косовски регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото, преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот и се судрил со „бмв“ со скопски регистарски ознаки.
Од ударот избувнал пожар во двете возила, при што патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот го изгаснала екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт кај четирите лица во автомобилот.
МВР соопшти дека во несреќата починале возачот Р.В. од Скопје, сопатниците А.В. и П.М., двајцата на возраст од 20 години, како и уште едно лице чиј идентитет се утврдува. Според објавите во дел од медиумите, меѓу загинатите се Велков, неговиот син Адам и две млади лица кои биле со нив во возилото.
Ристе Велков беше еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти. Роден е во 1975 година во Скопје. Средното музичко образование го завршил во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде подоцна и магистрирал со највисока оцена.
Како солист-првенец на Македонската опера и балет, Велков претежно настапувал во белканто продукции и бил препознаван како баритон со кадифена боја на гласот. Во кариерата реализирал голем број улоги, меѓу кои и водечки настапи во оперите „Набуко“, „Риголето“, „Магбет“, „Травијата“, „Аида“ и „Кармен“.
Велков настапувал и надвор од земјата, меѓу другото во Јапонија, Србија, Романија, Турција и Бугарија, а бил дел и од значајни домашни фестивали и манифестации како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Мајски оперски вечери“, „Есенски музички свечености“ и „Интерфест“ во Битола.