ДЗР: Како ЕСМ потроши милиони на тендери без пазарна трка и контрола?

Државниот завод за ревизија нотира слабости во планирањето, спроведувањето и реализацијата на тендерите кај најголемиот државен енергетски производител.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди низа неправилности во јавните набавки на АД ЕСМ за 2024 година, период во кој компанијата презела обврски од 8,8 милијарди денари. Извештајот на овластениот државен ревизор открива дека дури во 93 отсто од ревидираните постапки учествувал само еден понудувач или само една понуда била оценета како прифатлива. Наместо слободна пазарна конкуренција, енергетскиот гигант фаворизирал постапки со преговарање во четири очи и селективни критериуми.

Ревизорскиот извештај за усогласеност адресира системски дефекти низ сите фази на јавните набавки во енергетската компанија. Ревизорите констатираат дека годишните планови за набавки претрпувале постојани измени без соодветни анализи и оправдувања. Оваа пракса отворила простор за преговарање без објавување оглас, што директно го намалува пазарниот натпревар и го зголемува ризикот од надувани цени за термоцентралите и рудниците.

Најдрастичен пример за неефикасно трошење е набавката на гасен мотор вреден 174,7 милиони денари (околу 2,8 милиони евра) за подружницата Енергетика, спроведена со преговарање во четири очи под изговор за крајна итност. Иако стручните служби предупредиле дека нема просторни и технички услови за негова монтажа, договорот бил потпишан.

Моторот бил испорачан со седум месеци задоцнување и до денес не е пуштен во употреба. Наместо производство на струја, машината стои конзервирана на отворено во фабричкиот круг. Државната компанија досега исплатила 153,2 милиони денари, при што ревизорите открија и исплата од 11,3 милиони денари за монтажа која воопшто не се случила. Раководството на ЕСМ дури во мај 2025 година донело одлука за подготовка на кривична пријава до обвинителството.

Сличен дефект ревизијата забележа и во РЕК Осломеј, каде во декември 2023 година бил склучен договор за набавка на адитив против згура вреден 141,6 милиони денари (околу 2,3 милиони евра). Иако немало законска обврска веднаш да се преземе целата пратка, биле испорачани и платени сите 120 тони.

Теренскиот увид на ДЗР покажа дека 95 отсто од набавената материја стои неискористена во магацин, а рокот на употреба и истекол уште во септември 2025 година. Системот за автоматско дозирање никогаш не бил монтиран, со што милионската набавка е претворена во опасен отпад што бара посебно третирање.

Во РЕК Битола, при набавка на цевки за прегревач на пареа вредна 187,6 милиони денари, добавувачот наместо бараниот квалитетен челик испорачал материјал по кинески стандард без соодветна документација. Откако стручната комисија одбила прием, на 29 август 2024 година бил потпишан анекс од неовластено лице со кој материјалот сепак бил прифатен. По скандалот, ЕСМ мораше да го раскине договорот и да наплати банкарска гаранција од 39,7 милиони денари.

Паралелно, за помошна механизација во битолските рудници биле платени 543,2 милиони денари без водење задолжителни градежни дневници и со необјаснети работни часови. Ревизорите утврдија и пречекорување на годишниот праг за директни набавки без тендер: наместо дозволените 24.000 евра, ЕСМ потрошил дополнителни 81.644 евра на репрезентација, храна и одржување возила, правдајќи се дека секоја подружница настапувала за себе.

Државниот завод за ревизија издаде 19 задолжителни препораки до раководството на АД ЕСМ. Се бара итно воспоставување функционални внатрешни контроли, строга ревизија на техничките спецификации и крај на практиката за заобиколување на Законот за јавни набавки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс