Од утре, 22 јуни, до 1 јули 2026 година, дел од патничките возови во Македонија привремено нема да сообраќаат поради завршни градежни работи на пругата Скопје–Велес, на делницата Скопје–Зелениково, како дел од проектот „Градски воз“. Од Јавното претпријатие „Македонски железници – Инфраструктура“ соопштија дека прекинот е неопходен за реализација на последната фаза од градежните активности.
Во наведениот период нема да сообраќаат возовите на релација Скопје–Гевгелија (611 и 631) и Гевгелија–Скопје (630 и 632), како и Скопје–Битола (641 и 645) и Битола–Скопје (640 и 644). Исто така, се укинуваат и дел од линиите Битола–Велес (642) и Велес–Битола (643), како и Скопје–Велес (2083) и Велес–Скопје (600).
Со оваа интервенција привремено се прекинува дел од железничкиот сообраќај меѓу Скопје и јужните и југозападните делови на земјата, додека траат работите поврзани со проектот „Градски воз“, кој треба да ја подобри урбаната и регионалната поврзаност на главниот град.