55-годишен маж од Велес е првиот регистриран случај на западнонилска треска за оваа година во Македонија, објави Институтот за јавно здравје.
Пациентот првично побарал лекарска помош по појава на нагла висока температура, изразена слабост, кожен осип и постепено влошување на менталната состојба.
Поради сериозно влошување на симптомите, тој бил итно хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, каде по соодветната медицинска интервенција неговата состојба подоцна се стабилизирала.
Лабораториските анализи дефинитивно ја потврдиле инфекцијата со западнонилски вирус, преку присуство на IgM антитела во ликвор, што укажува на зафатеност на централниот нервен систем.
Здравствените власти смируваат дека ризикот за општата популација во моментот се оценува како умерен, но нагласуваат дека може значително да се намали со доследно спроведување на мерките за лична заштита од убоди од комарци.
Епидемиолозите велат дека западнонилската треска не се пренесува од човек на човек, туку исклучиво преку убод од инфициран комарец, најчесто од родовите „Culex“ и „Aedes“.
Кај најголем дел од инфицираните лица нема симптоми, но кај дел од пациентите се јавуваат треска, главоболка, замор и осип.
Во ретки случаи, инфекцијата може да предизвика сериозни невролошки компликации, вклучувајќи воспаление на мозокот и парализа.
За сега, специфичен лек или вакцина против оваа болест не постојат.