Регионална депонија во Новаци ќе затвори 16 нестандардни ѓубришта

Во Пелагонискиот и Југозападниот регион започнува воведување нов систем за управување со отпад. Граѓаните ќе добијат канти за селекција, а комуналните претпријатија нови возила. Централниот проект е регионалната депонија во Новаци, која ќе ги замени постојните нестандардни депонии.
Фото: Мета.мк

Граѓаните во 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион годинава ќе добијат канти за селекција на отпад, додека јавните комунални претпријатија ќе бидат опремени со нови камиони за поефикасно собирање и транспорт.

Овие активности се дел од подготовките за изградба на Регионалниот центар за управување со отпад, кој ќе се гради во општина Новаци и ќе опслужува околу 350.000 жители од двата региони.

Планирано е центарот да вклучува една централна депонија, четири претоварни станици и повеќе собирни центри, со што ќе се воспостави современ систем за управување со отпад. Клучна цел на проектот е затворање на 16 постојни депонии кои во моментов функционираат без никакви стандарди и претставуваат сериозен ризик за животната средина.

На регионалниот форум за управување со отпад одржан во Скопје, заменик-министерката за животна средина Ане Лашкоска истакна дека општините не можат самостојно да се справат со проблемот со отпадот, поради што е неопходен регионален пристап и координација.

Таа најави дека до крајот на 2026 година комуналните претпријатија ќе бидат целосно опремени со потребните возила, што ќе создаде услови за имплементација на новиот систем.

Проектот веќе има обезбедено финансиска поддршка преку заем од Европска банка за обнова и развој, како и грантови од Шведска и Швајцарија. Воедно е формиран и меѓуопштински одбор во кој учествуваат сите 18 општини, а во следната фаза треба да се формира и регионално комунално претпријатие.

Според надлежните, дистрибуцијата на кантите веќе е започната, при што домаќинствата ќе добијат садови во различни бои за селекција на отпад. До изградбата на центарот, селектираните материјали како пластика и метал ќе се предаваат директно на компании за рециклирање.

Градоначалникот на Новаци, Стевче Стефановски, посочи дека општината е избрана како најсоодветна локација поради економските и просторните услови, особено имајќи предвид дека во близина се наоѓа РЕК Битола и постојат значителни површини деградирана почва.

Во наредниот период ќе се изработи и Регионален план за управување со отпад за периодот 2027–2032, со поддршка од САЛАР Интернационал, кој треба да обезбеди подобра координација, поефикасно користење на ресурсите и постепено усогласување со европските стандарди.

Експертите предупредуваат дека постојните депонии претставуваат „невидлива опасност“, бидејќи загадувањето на почвата и подземните води има долгорочни последици. Затоа, изградбата на регионалниот систем се смета за клучен чекор кон почиста животна средина и подобри услуги за граѓаните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни