Освен на избирачките места во Србија, долги редици се забележани и во странство, каде што српските државјани гласаат на 93 избирачки места во 37 земји. Пред Амбасадата на Србија во Прага, голем број пријавени гласачи чекале во ред и покрај дождот за да го остварат своето право на глас, јавува Радио Слободна Европа.
Редови имало и пред Амбасадата на Србија во Виена.
Гласањето се одвивало и во Лос Анџелес, во американската сојузна држава Калифорнија. Таму избирачкото место било отворено во 23 часот по локално време, во согласност со одлуката на Републичката изборна комисија гласањето во странство да се организира според локалното време во Србија.
Според сведоштвата на читатели на Радио Слободна Европа, во Лос Анџелес за гласање чекале неколку стотици луѓе.
Србите од северно Косово очекуваат мир и подобра иднина
Жителите на северно Косово, со кои разговарал тимот на Радио Слободна Европа, од изборите главно очекуваат подобра иднина, мир и стабилност. Бојан од Северна Митровица се надева дека официјален Белград ќе продолжи да се грижи за припадниците на српската заедница во Косово и да им дава поддршка.
„Само сè да помине мирно“, вели тој.
Драгана од Северна Митровица раскажува дека станала во четири часот наутро за со организиран превоз да тргне кон Рашка и да го оствари своето право на глас.
„Уморна сум, не знам што да очекувам. Животот ни е никаков, а што очекувам – не знам да ти кажам“, вели таа.
Зоран од Лепосавиќ, пак, раскажува дека долго чекал на границата за да може да ја исполни својата граѓанска должност. Се надева дека во иднина условите ќе бидат подобри.
„Се надевам дека за нас ќе биде подобро. На следните избори да гласам во Лепосавиќ, а не тука“, вели тој.
