Иранските напади од почетокот на војната оштетиле најмалку 20 американски воени бази и заеднички воени објекти на Блискиот Исток, покажуваат сателитски снимки и видеа анализирани од BBC Verify.
Според анализата, нападите биле пошироко распространети отколку што досега јавно било признаено. Штети се забележани на објекти во осум земји: Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Ирак, Јордан, Бахреин и Оман.
Техеран ги извршил нападите како одговор на американските и израелските удари врз Иран и Либан во изминатите три месеци. Погодени биле воени бази, заеднички објекти, системи за воздушна одбрана, радарски позиции, опрема за полнење гориво и комуникациски системи.
Белата куќа досега тврдеше дека иранските воени капацитети се сериозно ослабени, но аналитичарите оценуваат дека штетите видливи на сателитските снимки укажуваат дека контранападите на Техеран биле попрецизни и пообемни отколку што претходно признавале американските претставници.
Американски функционер за одбрана одбил да ги коментира наодите на BBC Verify, повикувајќи се на „оперативна безбедност“.
Според анализата, меѓу оштетената опрема се и системи за антибалистичка ракетна одбрана во бази во Обединетите Арапски Емирати и Јордан. Станува збор за системи од типот THAAD, кои се меѓу најскапите и најнапредни американски системи за противракетна одбрана.
Иранските напади, според експертска анализа на сателитските снимки, погодиле и американски авиони за надзор и полнење гориво во воздухопловната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија. На снимките се забележуваат оштетени летала и кратери од експлозии.
Во Кувајт, пак, биле погодени воздухопловната база Али Ал Салем и кампот Арифџан. Аналитичари идентификувале оштетени бункери за гориво, хангари, воени сместувачки објекти и опрема за сателитска комуникација.
Вистинскиот број погодени објекти би можел да биде поголем. Дел од аналитичарите проценуваат дека бројот на оштетени бази и воени локации може да достигне и до 28.
Пентагон претходно соопшти дека од почетокот на операцијата „Епски бес“ погодил повеќе од 13.000 цели во Иран. Во мај, американската проценка ги постави вкупните трошоци за операцијата на 29 милијарди долари, при што дел од средствата најверојатно се однесуваат на поправка или замена на оштетена опрема.
Случајот ја отвора дилемата колкав е вистинскиот обем на штетата врз американската воена инфраструктура во регионот и колку иранските напади ја промениле безбедносната слика на Блискиот Исток.