Трамп тврди дека е постигнат договор за разоружување на Хамас, Израел и натаму скептичен

Американскиот претседател најави фазен план за разоружување на Хамас и нов модел за управување со Газа, но Хамас го нарече документот само нацрт, а Израел порача дека не ги исполнува неговите услови.
Photo: Shealah Craighead / White House

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека во Каиро е постигнат договор за фазно разоружување на Хамас, оценувајќи го како „историски чекор“ кон траен мир во Појасот Газа. Сепак, Хамас и израелските власти реагираа претпазливо, доведувајќи ја во прашање неговата реализација.

„Денес, Одборот за мир постигна историски договор за целосно разоружување на Хамас и сите други вооружени групи во Газа. Ова е монументален чекор кон траен мир и безбедност“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Според него, разоружувањето ќе се спроведува во повеќе фази и претставува предуслов Газа во иднина да биде управувана од нова палестинска администрација која тесно ќе соработува со Одборот за мир.

„Во исто време, Израел ќе ја има безбедноста што ја заслужува, бидејќи Газа повеќе нема да се користи како база за терористички напади“, додаде Трамп.

Сепак, претставник на Хамас за агенцијата Ројтерс изјави дека станува збор за нацрт-договор, а не за конечен договор. Според него, документот предвидува тешкото оружје да биде складирано и контролирано од палестинската администрација, но не и негово предавање на Израел. Членот на преговарачкиот тим на Хамас, Гази Хамад, за Ал Џезира изјави дека организацијата нема да разговара за разоружување сè додека израелските сили не се повлечат од Појасот Газа.

Од американската администрација признаваат дека Израел е скептичен оти Хамас навистина ќе го предаде оружјето.

„Многу сме уверени дека ќе се придржуваат до договореното. Ако тоа не се случи, претседателот Трамп ќе биде многу разочаран“, изјави американски претставник.

Во меѓувреме, израелски функционер, кој побарал анонимност, изјавил дека Израел веќе го отфрлил предлогот во сегашната форма.

„Израел бара целосно разоружување на Хамас, отстранување на оружјето од Газа и целосна демилитаризација на Појасот како предуслов за каков било политички процес. Документот од 15 точки не ги исполнува тие барања“, изјавил израелскиот претставник.

Во исто време, борбите продолжуваат. Според палестински медицински извори, во најновите израелски напади во Газа загинале најмалку шест Палестинци, меѓу кои и две деца. Разговорите во Каиро ги водеа претставници на Хамас со посредници од Египет, Катар и Турција во рамки на втората фаза од мировниот план на администрацијата на Трамп за Газа.

Планот предвидува постепено прекинување на конфликтот, обнова на разурнатата територија и воспоставување нов модел на палестинско управување. Според претставникот на Одборот за мир, Николај Младенов, целта е „Газа да биде обновена, управувана од Палестинци и да живее во мир со Израел“, но засега остануваат сериозни несогласувања околу клучното прашање – разоружувањето на Хамас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс