Рама: Протестите се резултат на хибридна војна против Албанија

„Ние сме во хибридна војна. Албанија е нападната од силна конкуренција од нашиот дел од Медитеранот“ рече Рама

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека протестите поради неговиот план за изградба на голем туристички комплекс на албанскиот брег се резултат на дезинформации и хибридна војна против Албанија.

Рама, во соработка со зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, и неговата сопруга Иванка Трамп, има намера да изгради луксузен комплекс со хотели на 1.400 хектари на малиот остров Сазан и во блиското крајбрежно село Звернец, во јужна Албанија, со вкупно 10.000 соби, како и вили, апартмани, базени и марини за јахти.

Властите веќе го оградија тој дел од брегот со бодликава жица, а протестот, кој првично ги мобилизираше екологистите и локалните жители, се прошири откако снимките од бруталниот судир меѓу приватното обезбедување и демонстрантите станаа вирални. Илјадници луѓе се собраа во Тирана синоќа на протест, барајќи апсење на Рама, како и на лидерот на опозицијата Сали Бериша, за корупција.

Во интервју за американската Си-Ен-Ен, Рама негираше дека протестите се прошириле низ целата земја, инсистирајќи дека тие биле ограничени и дека некои медиуми намерно го преувеличувале незадоволството на јавноста.

Наведувајќи дека многу демонстранти секако се водени од добри намери и се искрено загрижени за животната средина, Рама рече дека тие се манипулирани со лажни информации што циркулираат на интернет.

„Ние сме во хибридна војна. Албанија е нападната од непријатели што ги познаваме многу добро. Таа е нападната од силна конкуренција од нашиот дел од Медитеранот и илјадници лажни онлајн профили создадени за да се генерира оваа бура“, рече Рама.

На прашањето за истрагата за корупција, која ја објави порталот politico.eu, Рама ја нарече „лажна вест“. Тој рече дека истрагата се однесува само на еден земјопоседник кој го продал своето земјиште во „целосно транспарентна банкарска трансакција“, а не на целата инвестиција.

Швајцарскиот весник „Тагесканџагер“, сепак, пишува дека некои жители и сопственици на спорното земјиште обвинуваат „локална мафијашка фигура“, која сега живее во Флорида, за присвојување на земјишни парцели со поддршка на корумпирани судии и политичари користејќи фалсификувана документација.

Весникот пишува дека во планираниот мегапроект треба да се инвестираат околу четири милијарди долари, а компанијата на Кушнер „Афинити партнерс“ има на располагање околу пет милијарди долари за ова, претежно странски капитал од државни фондови на Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс