Радев се налути на Вашингтон за визите, па одлучи да ги ограничи американските воени авиони

Софија ќе дозволи американските воени авиони да останат во земјата само до крајот на јуни, откако Вашингтон не одобри безвизен режим за бугарските граѓани.

Бугарија ќе им дозволи на американските воени авиони да останат на нејзина територија само до крајот на јуни, откако САД не го одобрија барањето за безвизен режим за бугарските граѓани. Одлуката ја соопшти бугарскиот премиер Румен Радев, отворајќи нова дипломатска напнатост меѓу две сојузнички земји во НАТО.

Радев изјави дека ја разбира сложеноста на американските регулаторни процедури, но дека и Бугарија има свои приоритети и процедури. Според него, Софија не може позитивно да одговори на барањето за подолг престој на авиони и тенкови на аеродромот во Софија, ако нема напредок за прашањето што директно ги засега бугарските граѓани.

Визите ја закочија воената соработка

Претходно овој месец, Радев разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп и побарал укинување на визите за бугарските државјани. Тој инсистирал прашањето да се разгледа итно, но, според неговата изјава, не добил позитивен одговор.

Американските воени авиони се стационирани на софискиот аеродром „Васил Левски“, кој има и цивилна и воена функција. Дел од леталата, меѓу кои и авиони-цистерни KC-135 Stratotanker, пристигнале во Софија во февруари, во рамки на активности поврзани со засилена будност на НАТО.

Престој само до крајот на јуни

Според досегашниот договор, американските летала требало да останат до 31 мај, но бугарската влада ќе дозволи продолжување само до крајот на јуни. Радев рече дека тоа треба да им даде време на САД да ги преиспитаат своите постапки.

Во Бугарија биле распоредени и логистички летала како Lockheed C-130 Hercules и Boeing C-17 Globemaster III. Бугарското Министерство за одбрана претходно соопштило дека леталата немаат борбена функција.

Одлуката на Софија покажува дека и во рамки на НАТО сојузништвото, билатералните прашања можат да станат политички услов. За Бугарија, визите за САД веќе не се само административна тема, туку аргумент во разговорите за воено присуство и сојузничка рамноправност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс