Долго време се сметаше дека путерот, сирењето и полномасните млечни производи треба да се избегнуваат поради можниот ризик од срцеви заболувања. Сепак, нова анализа на британски научници покажува дека природните масти во млечните производи не го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести, како што тоа го прават индустриските транс масти.
Истражувањето, објавено во научното списание Nutrition Research, ги анализирало резултатите од 22 студии кои опфатиле илјадници испитаници од Европа и Северна Америка. Заклучокот е дека природните транс масти кои се наоѓаат во млекото, јогуртот, путерот и сирењето имаат поинаков ефект врз организмот од индустриските транс масти присутни во високо преработената храна.
Професорот Ијан Гивенс од Универзитетот во Рединг истакнува дека овие резултати можат да помогнат во разјаснувањето на заблудите околу млечните производи и да потврдат дека тие можат безбедно да бидат дел од балансирана исхрана.
Експертите за исхрана потсетуваат дека мастите се неопходни за нормално функционирање на организмот, а умерениот внес на заситени масти од млечни и месни производи не претставува проблем кога исхраната е разновидна и избалансирана.
На слични заклучоци упатуваат и претходни истражувања. Медицинскиот факултет при Универзитетот Харвард наведува дека полномасните и особено ферментираните млечни производи, како јогуртот и сирењето, можат дури и да придонесат за подобро здравје на срцето. Минатата година и списанието American Journal of Clinical Nutrition објави дека не е пронајдена убедлива врска меѓу консумирањето млечни производи и зголемениот ризик од кардиоваскуларни заболувања, без разлика на нивната масленост.