Претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, повика на масовен Првомајски протест, нагласувајќи дека 1 Мај не е ден за одмор, туку за изразување на работничкото незадоволство.
Тој порача дека протестот не е настан на кој се поканува, туку на кој се доаѓа, и ги повика работниците да излезат на улица и јасно да ги искажат своите барања. Протестот е закажан за петок во 11 часот, со почеток од Работничкиот дом во Скопје, по што ќе следи марш до Владата.
Главното барање на синдикатот е зголемување на минималната плата на 600 евра. Според податоците што ги изнесе Трендафилов, повеќе од 260.000 работници во државата, односно околу половина од работната сила, живеат со месечни примања под ова ниво.
Тој посочи дека неодамнешното зголемување на минималната плата за 1.667 денари не е доволно, особено ако се земе предвид дека синдикалната минимална кошница е зголемена за над 3.300 денари од почетокот на годината. Според него, ова значи дека семејствата во кои двајца членови работат за минимална плата не можат да ги покријат ниту основните трошоци за живот.
Покрај економските барања, протестот ќе биде насочен и кон прашањата за безбедноста на работното место. Трендафилов предупреди дека работниците секојдневно се соочуваат со ризици, посочувајќи на неодамнешен трагичен случај на градилиште во Скопје, каде еден работник загина, а неколкумина беа повредени.
Тој истакна дека е неопходно зголемување на бројот на инспектори и засилување на инспекциските контроли, со цел да се спречат вакви несреќи. Според него, податокот дека животот на работник често се сведува на осигурителна вредност од неколку илјади евра е сериозен пораз за општеството.
Третиот клучен фокус на протестот ќе биде одбраната на колективните договори. Трендафилов предупреди дека можноста за укинување на колективниот договор во културата, кој е предмет на постапка пред Уставен суд, може да предизвика поширок „домино ефект“ и да ги загрози сите други договори што го регулираат пресметувањето на платите.
Со пораката „Ако не се буните, немате право ни да се лутите“, претседателот на ССМ ги повика работниците да се приклучат во што поголем број и да испратат јасен сигнал до институциите за нивното незадоволство и барањата за подобар животен стандард.