По повод Меѓународниот ден на трудот, денес, 1 мај, со почеток во 11 часот, Сојузот на синдикатите на Македонија организира протестен марш низ центарот на Скопје, под пораката „За плата се бориме, не се молиме“. Од ССМ повикуваат на солидарност и работничка борба, а од МВР најавуваат посебен режим на сообраќај на улиците по кои ќе се движи протестната колона.
Протестот ќе започне пред зградата на ССМ на улицата „Мирче Ацев“ број 4. Колоната ќе се движи преку улиците „Филип Втори Македонски“, „11-ти Октомври“, „Димитрие Чуповски“, „Васил Главинов“, булевар „ВМРО“ и булевар „Илинден“, сè до Владата.
Од МВР информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за регулирање на сообраќајот на наведените сообраќајници. Граѓаните се повикуваат да ги почитуваат насоките на полициските службеници и да користат алтернативни правци низ централното градско подрачје.