Виктор Орбан го даде своето прво интервју по изборниот пораз на неговата партија Фидес, признавајќи дека ја сноси целосната одговорност и најавувајќи темелна обнова на партијата. Во разговор емитуван во четвртокот вечерта, Орбан порача дека завршува една политичка ера и дека следува сериозна реорганизација која треба да биде завршена до крајот на летото.
По изборите на 12 април, Орбан се огласуваше само преку социјалните мрежи, наведувајќи дека повеќе од два милиони гласови овојпат биле доволни само за „чесен пораз“, пренесува Telex.hu.
Целосна обнова на партијата
Орбан оцени дека поразот е сериозен и дека не се доволни козметички промени.
„Потребна е целосна обнова бидејќи една политичка ера заврши. Тоа се гледа и емоционално и во бројките. Десницата не може да продолжи како досега“, изјави тој.
Според него, трансформацијата ќе ја опфати целата национална политичка сцена, со појава на нови движења. Тој најави средби со активисти и волонтери и свикување партиски конгрес во наредниот период.
Говорејќи за изборната ноќ, Орбан призна дека уште по првите резултати било јасно дека исходот ќе биде проблематичен.
„Во неделата беше само бол, во понеделник веќе празнина, а потоа се лекувам со работа“, рече тој, опишувајќи ја својата реакција.
И покрај поразот, тој им порача на гласачите дека треба да бидат горди.
„Поразот треба достоинствено да се прифати. Тоа е тест на сила“, додаде Орбан.
„Јас сум одговорен“
На прашањето кој е виновен за поразот, Орбан одговори кратко: „Јас“.
Тој објасни дека како лидер ја носи одговорноста за резултатот, признавајќи дека не успеал доволно убедливо да ги пренесе пораките на партијата.
„Очигледно нешто не сум кажал како што треба, бидејќи другиот предлог доби многу повеќе гласови“, рече тој.
Промени во пратеничката група
Орбан најави и значајна реконструкција на пратеничкиот состав на Фидес.
„Луѓето што сега влегоа во парламентот не се оние што ќе ни требаат таму“, изјави тој, додавајќи дека ќе поддржи „значајна трансформација“ за создавање поефикасен тим.
Осврнувајќи се на критиките, Орбан призна дека перцепцијата за луксузен начин на живот можела да влијае на изборниот резултат, но ги отфрли обвинувањата за лична корупција.
„Никогаш не сум толерирал корупција“, истакна тој, додавајќи дека институциите реагирале во сите случаи на сериозни сомнежи.
„Иднината им припаѓа на патриотите“
Орбан нема директна порака до новата власт, освен дека ќе ги следи нивните ветувања кон граѓаните.
Тој најави дека неговата партија ќе делува како коректив во парламентот и ќе реагира кога ќе забележи, како што рече, „разградување“.
Во заклучокот, Орбан порача дека традиционалните поделби во политиката се надминати.
„Иднината им припаѓа на патриотите. Иднината ѝ припаѓа на националната страна“, изјави тој.