Водно денес е резервирано за 14тото издание на „Прв до врв“

Илјадници љубители на спортот и природата денеска ќе трчаат и возат до врвот на Водно во пет натпреварувачки категории.
Фото: Прв до врв

Водно денеска ќе биде во знакот на спортот, рекреацијата и масовното искачување до врвот. На планината се одржува 14-тото издание на „Sparkasse Life – Прв до врв“, еден од најмасовните планински спортско-рекреативни настани во земјава, кој традиционално собира велосипедисти, тркачи, рекреативци, компании и љубители на природата.

Настанот ќе се одвива во пет категории: планинско трчање на 4,5 километри, планински велосипедизам на 9 километри, друмски велосипедизам на 11,4 километри, E-bike трка на 9 километри и тим-билдинг трката за компании „Summit Run“ на 4,5 километри.

Велосипедските трки стартуваат во 9:45 часот од Музејот на град Скопје, со летечки старт пред ОУ „Кочо Рацин“, додека трчањето и тим-билдинг трката почнуваат во 10:00 часот пред училиштето. Патеките водат преку контролните точки кај полицијата, Средно Водно и до самиот врв.

Организаторите најавуваат финишер медали за сите што ќе ја завршат трката, како и награди за најдобрите во повеќе категории во машка и женска конкуренција. Предвиден е и награден фонд од 1.000 евра за поставување нови рекорди.

На врвот на Водно е најавена и забавна програма со храна, пијалаци, диџеј и настап на бенд во живо, по што ќе следува прогласување на победниците. Поради одржувањето на настанот, за денес е најавен и посебен сообраќаен режим кон Водно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс