Илјадници на улиците во Белгија: Протести против реформата во образованието, распоредени водени топови

Илјадници наставници, ученици, студенти и родители протестираа низ Брисел и Валонија против контроверзната образовна реформа што предвидува мерки за штедење од 500 милиони евра. Полицијата распореди засилени сили и водени топови околу парламентот во Брисел, додека синдикатите ја обвинуваат владата дека ги игнорира демократските процедури.
Foto: Profimedia

Белгија денес беше зафатена од масовни протести поради најавените реформи во образованието, кои предвидуваат значителни буџетски кратења и промени што предизвикаа остри реакции кај наставниците, студентите и родителите.

Најголемиот протест се одржа пред парламентот на Федерацијата Валонија-Брисел, каде што пратениците требаше да гласаат за спорната уредба. Околу зградата беа распоредени бројни полициски сили, водени топови и безбедносни служби, а над областа кружеше и хеликоптер.

Што предвидува реформата?

Мерките имаат цел да донесат заштеда од околу 500 милиони евра, но критичарите предупредуваат дека цената ќе ја платат учениците и наставниците.

Меѓу најспорните предлози се:

  • зголемување на школарините за студентите,
  • зголемување на работните часови на професорите без дополнителен надомест,
  • укинување на бесплатниот училишен прибор,
  • укинување на бесплатните оброци во најсиромашните училишта.

Синдикатите, опозициските партии и граѓанските организации оценуваат дека мерките ќе го ослабат образовниот систем и ќе ја намалат достапноста на образованието.

Ученици и студенти во првите редови

Во повеќе градови беа организирани блокади на училишта и протестни маршеви. Само во градот Жамблу на протест излегле повеќе од 800 ученици.

Студентите особено реагираат на најавеното зголемување на школарините на околу 1.200 евра, предупредувајќи дека тоа ќе го ограничи пристапот до високо образование за многу млади луѓе.

Студентите од Високата школа за глума, филм и театар во Лиеж исто така се приклучија на протестите, оценувајќи ги мерките како „антисоцијални“.

Инциденти во Брисел и Намир

Иако најголемиот дел од протестите помина мирно, во Брисел и Намир беа регистрирани инциденти.

Во Намир група демонстранти фрлала петарди, димни бомби и различни предмети, а бил оштетен и излог на продавница. Полицијата приведе седум лица.

Во Брисел демонстранти запалиле огради, велосипеди и други предмети во близина на главната железничка станица. Пожарот бил изгаснат со воден топ, а полицијата интервенирала за да ја растера толпата.

Синдикатите обвинуваат за напад врз демократијата

Дополнително незадоволство предизвика одлуката гласањето за реформата да се одржи порано од првично предвидениот рок.

Синдикалните претставници тврдат дека власта ги заобиколува демократските процедури и не остава доволно простор за јавна расправа.

Наставниците предупредуваат дека протестите нема да престанат доколку реформата биде усвоена, а синдикатите најавуваат нови активности во наредниот период.

е-Трн да боцка во твојот инбокс