Полицијата приведе 14 активисти пред финалето на Евровизија во Виена

Активистите протестирале против учеството на Израел на Евровизија, а полицијата соопшти дека биле приведени поради непријавен собир и прекршување на забраната за покривање на лицето.

Четиринаесет пропалестински активисти биле приведени во Виена непосредно пред почетокот на финалето на Евровизија, во близина на арената каде што се одржуваше натпреварот. Според австриската полиција, тие учествувале во непријавен собир и ја прекршиле забраната за покривање на лицето.

Активистите протестирале против учеството на Израел на Евровизија, извикувајќи слогани и држејќи транспаренти на скалите пред главната градска библиотека во Виена. Библиотеката се наоѓа кај метро-станица во близина на Wiener Stadthalle, каде што се одржа финалната вечер.

Според германската агенција dpa, полицијата најпрво отстранила една група демонстранти од скалите, но набрзо на истото место се појавила друга група, по што дошло до поголема полициска интервенција.

Неколку часа претходно, во Виена протестирале неколку илјади луѓе против учеството на Израел на натпреварот. Тој собир, според полицијата, поминал мирно, без апсења и без поголеми инциденти.

Финалето на 70. Избор за песна на Евровизија заврши со победа на бугарската пејачка DARA со песната „Bangaranga“, додека учеството на Израел беше една од главните политички точки на тензија околу овогодишниот натпревар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс