Популарна ужина што се смета за здрава може да ѝ наштети на црниот дроб

Протеинските плочки не секогаш се здрав избор. Експертите предупредуваат дека високата содржина на шеќер и масти може негативно да влијае врз здравјето на црниот дроб.

Иако често се зборува за здравјето на цревата и мозокот, здравјето на црниот дроб неретко останува во втор план. Експертите предупредуваат дека заболувањата на црниот дроб се меѓу водечките причини за смртност во светот, а сè почест проблем е наталожувањето маснотии во овој орган, што може да доведе до сериозни оштетувања.

Многумина ги сметаат протеинските плочки за здрава и практична ужина, но лекарите предупредуваат дека некои од нив содржат големи количини додаден шеќер и адитиви. Истражувања покажале дека дел од производите кои се рекламираат како здрава храна имаат количини шеќер споредливи со оние во чоколадите.

Според хепатолозите, прекумерниот внес на додадени шеќери, особено високофруктозниот пченкарен сируп, може да предизвика таложење маснотии во црниот дроб. Тоа може да доведе до воспаленија, создавање лузни на ткивото и влошување на инсулинската резистенција.

Покрај шеќерот, проблем претставуваат и заситените масти, кои дополнително го поттикнуваат натрупувањето маснотии во црниот дроб и го отежнуваат правилното искористување на инсулинот од страна на организмот.

Експертите советуваат при изборот на протеински плочки да се внимава на составот и да се избираат производи со помалку додаден шеќер, повеќе влакна и минимално преработени состојки. Како подобра алтернатива се препорачуваат јаткасти плодови, семки, грчки јогурт, мешунки и риба, бидејќи содржат квалитетни протеини, здрави масти и влакна.

Сепак, лекарите нагласуваат дека здравјето на црниот дроб не зависи од една намирница. Најголемо влијание имаат балансираната исхрана, редовната физичка активност и ограничувањето на преработената храна и додадените шеќери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс