Делови од авионот за итна медицинска помош, кој вчера исчезна над Атлантскиот Океан во близина на островот Нантакет, се пронајдени за време на големата потрага, соопшти американската крајбрежна стража.
Екипажот на бродот на крајбрежната стража „Вилијам Спарлинг“, кој од Бостон бил испратен во зоната за пребарување во близина на брегот на Масачусетс, пронашол пловечки остатоци.
Според американската крајбрежна стража, во тек е утврдување на тоа на кој дел од исчезнатиот авион му припаѓаат пронајдените остатоци.
Авионот, од типот „Галфстрим G100“, летал од меѓународниот аеродром „Л. Ф. Вејд“ на Бермудите кон аеродромот „Логан“ во Бостон. Тој исчезнал од радарот на американската Федерална управа за авијација (FAA) во раните утрински часови, непосредно пред планираното слетување околу 1:25 часот.
Потрагата продолжува во Атлантскиот Океан, а засега нема официјални информации за судбината на лицата кои се наоѓале во авионот.