Промовиран проектот „Везилка“, Национален центар за вештачка интелигенција

Вредноста на проектот „Везилка“ е околу шест милиони евра, а најголемиот дел од средствата се обезбедени како грант од Европската Унија

Министерството за дигитална трансформација и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска го промовираа проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција.

Според официјалните податоци, финансиската конструкција на проектот изнесува околу шест милиони евра. Најголемиот дел од средствата се обезбедени како грант од Европската Унија преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, додека остатокот се кофинансира од буџетот на Министерството за дигитална трансформација и од сопствени средства на ФИНКИ, кој е назначен за носител и главен координатор на активностите.

Инаку, „Везилка“ ќе функционира како ВИ антена, не ВИ фабрика, како што во дел од медиумите беше прикажан проектот, што значи дека е придружна единица на европската фабрика за вештачка интелигенција (AI Factory) „Pharos“, чие седиште е во Грција.

Надлежните тврдат дека преку оваа мрежа, на македонските истражувачи, државни институции и стартап-компании ќе им се овозможи пристап до европските суперкомпјутери и напредни податочни простори.

Според соопштението од Министерството, мисијата на идниот центар е дефинирана преку развој и примена на системи со вештачка интелигенција (ВИ) во пет приоритетни области:

  • Јазик и култура: Ова е наведено како примарен фокус, каде целта е системски развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство, со цел намалување на зависноста од странски софтверски алатки.
  • Здравство: Се предвидува компјутерска анализа на здравствени податоци заради оптимизација на медицинските услуги.
  • Енергетика: Планирано е користење алгоритми за предвидување и оптимизација на производството и потрошувачката на енергија.
  • Јавна администрација: Проектот најавува автоматизација на одредени административни процеси и зголемување на транспарентноста.
  • Земјоделство: Најавено е воведување на т.н. „паметни технологии“ за современо и одржливо производство.

Покрај техничкиот аспект, од ФИНКИ и Министерството најавуваат дека „Везилка“ во иднина ќе функционира и како центар за обука и развој на човечки капитал, каде што допрва ќе се организираат тренинзи, практични проекти и едукативни програми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс