Родителите во дилема: Кои професии ќе преживеат во ерата на вештачката интелигенција?

Технолошките промени и вештачката интелигенција брзо го менуваат пазарот на труд. Експертите велат дека најважни ќе бидат аналитичкото размислување, медиумската писменост и постојаното надградување на вештините.

Изборот на средно училиште или факултет никогаш не бил лесен, но денес родителите и учениците се соочуваат со нова дилема: дали професијата што ја избираат сега ќе постои и по неколку години?

Технолошките промени, вештачката интелигенција и автоматизацијата веќе го менуваат пазарот на труд побрзо отколку што трае еден средношколски или студиски циклус. Затоа прашањето „што да избере моето дете?“ сè почесто се претвора во прашање „кои вештини ќе преживеат?“.

Родителите се обидуваат да најдат рамнотежа меѓу желбите на децата и реалноста на пазарот. Од една страна, не сакаат да им го „убијат“ сонот. Од друга, стравуваат дека избраната професија може брзо да стане несигурна или помалку барана.

„Читаме анализи, разговараме со професори и кариерни советници, но сè е многу неизвесно. Не знаеме дали да го охрабриме детето да го следи својот интерес или да избере нешто што изгледа побезбедно“, вели родител на матурант.

Оваа дилема не е само локална. Според Извештајот за иднината на работните места на Светскиот економски форум за 2025 година, околу 39 проценти од клучните работни вештини ќе се променат или ќе станат застарени до 2030 година.

Тоа значи дека денешните основци и матуранти ќе влезат во свет на работа во кој некои од знаењата што ги стекнуваат сега можеби веќе нема да бидат доволни.

За претходните генерации изборот бил попредвидлив. Се избирало според личен интерес, но и според тоа каде нема преголем број кадри. Денес, пак, една професија може да биде во тренд неколку години, а потоа брзо да ја изгуби предноста. Утре може да биде најбарана професија која денес сè уште не постои.

Затоа експертите сè почесто посочуваат дека најважно не е само која насока ќе се избере, туку каква основа ќе стекне ученикот. Дипломата сама по себе веќе не е доволна. Потребни се аналитичко размислување, практична работа, медиумска писменост, флексибилност и способност за постојано учење.

Многу ученици имаат одлични оценки, но тоа не гарантира подготвеност за реалниот пазар на труд. Денешното образование треба да ги учи младите како да поставуваат вистински прашања, како да решаваат проблеми, како да аргументираат одлуки и како да се снаоѓаат во нови ситуации.

Практичната работа станува клучна. Учениците и студентите треба да учат преку проекти, реални задачи, бизнис-средина и ситуации во кои ќе мора да покажат како размислуваат, а не само што запаметиле.

Вештачката интелигенција ќе влијае на голем број професии, а дел од задачите што денес ги извршуваат луѓе ќе бидат автоматизирани. Но тоа не значи дека човечкиот фактор исчезнува. Напротив, најдобро ќе се снајдат оние што знаат критички да размислуваат, да проверуваат информации, да користат технологии и да ги надградуваат своите вештини.

Критичкото размислување станува особено важно во време на дезинформации, социјални мрежи и алатки на вештачка интелигенција. Ако младите не знаат да проценат што е точно, што е манипулација и како да користат информации, технологијата може повеќе да им наштети отколку да им помогне.

Според Светскиот економски форум, аналитичкото размислување останува најбараната вештина кај работодавците. Седум од десет работодавци ја посочуваат како клучна. Околу 85 проценти од работодавците планираат да вложуваат во надградба на вештините на вработените, а 70 проценти очекуваат да вработуваат луѓе со нови знаења.

Во исто време, 40 проценти од работодавците очекуваат да го намалат бројот на вработени во области каде што постојните вештини стануваат помалку релевантни или каде што вештачката интелигенција може да автоматизира дел од работата.

Затоа изборот на професија денес не треба да се гледа како конечна одлука за цел живот. Поважно е младите да развијат способност да се прилагодуваат, да учат нови алатки, да разбираат технологии и да градат вештини што можат да се применат во повеќе области.

Професиите ќе се менуваат. Некои ќе исчезнат, други ќе се трансформираат, а трети допрва ќе се појават. Но оние што ќе знаат да размислуваат, да учат и да се прилагодуваат ќе имаат најголеми шанси да опстанат во светот на работа што брзо се менува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс