Проектот „Поддршка во спроведувањето на директивите за квалитет на воздухот“ ги зајакнува основите за почист воздух во Северна Македонија

Во изминатите две години, проектот го поддржа развојот на посеопфатен пристап кон управувањето со квалитетот на воздухот,

Проектот „Поддршка во спроведувањето на директивите за квалитет на воздухот“, финансиран од Европската Унија, обезбеди значајни резултати во областа на законодавството, техничките капацитети и стратегиското планирање, како поддршка на Северна Македонија во подобрувањето на квалитетот на воздухот, заштитата на јавното здравје и унапредувањето на усогласеноста со барањата на правото на Европската Унија во областа на животната средина.

Постигнувањата на проектот беа претставени денеска на завршниот настан, кој се одржа во хотелот „Скопје Мериот“, во присуство на министерот за животна средина и просторно планирање, г. Муамет Хоџа, амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Н.Е. Михалис Рокас, претставници на национални и локални институции, меѓународни организации и други засегнати страни.

Во изминатите две години, проектот го поддржа развојот на посеопфатен пристап кон управувањето со квалитетот на воздухот, поврзувајќи го усогласувањето на законодавството со унапредувањето на научните и техничките капацитети и со планирањето мерки за намалување на загадувањето засновано врз докази.

„Во изминатите две години, со буџет од 1,5 милиони евра, проектот помогна да се постават важни основи за подобро управување со квалитетот на воздухот. Постигнатото е конкретно. Подготвен е нацрт на новиот Закон за квалитет на амбиентниот воздух. Подготвени се и осум нови подзаконски акти. Дополнително, изработени се планови за имплементација на три европски директиви. Ова е важен чекор кон усогласување со европските стандарди. Но, уште поважно е законските решенија да овозможат поефикасно следење на загадувањето и посилно спроведување на мерките“, изјави г. Муамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање.

„Секој заслужува да дише чист воздух. Тој влијае врз нашето здравје, врз нашите деца и врз квалитетот на нашиот живот. Преку овој проект, ЕУ ѝ помогна на Северна Македонија да подготви подобро законодавство, да го зајакне мониторингот на загадувањето и да изработи планови за справување со загадувањето на воздухот. Сега следува најважниот дел: спроведување на овие планови во практика и обезбедување почист воздух за граѓаните низ целата земја. ЕУ ќе продолжи да ги поддржува овие напори“, изјави амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.

Зајакнато законодавство и усогласување со барањата на ЕУ

Значајно постигнување на проектот е подготовката на нов нацрт-закон за управување со квалитетот на воздухот, придружни подзаконски акти и специфични планови за спроведување на директивите. Ова е основа за постепено усогласување на Северна Македонија со правото на ЕУ во областа на животната средина, вклучително и со ревидираната Директива (ЕУ) 2024/2881 за квалитет на амбиентниот воздух, која воведува построги стандарди и барања за мониторинг, оцена и управување со квалитетот на воздухот.

Проектот ги утврди и институционалните, техничките и финансиските потреби за спроведување на овие обврски, обезбедувајќи рамка за идни законодавни и административни активности.

Подобри информации за изворите на загадување и квалитетот на воздухот

Проектот значително ја зајакна базата на технички податоци достапни на националните институции за оцена на загадувањето на воздухот и утврдување ефективни мерки за негово намалување. На пет локации низ земјата беа спроведени дополнителни активности за мониторинг, со што се проширија информациите за загадувачките супстанции од особено значење за јавното здравје.

Едновремено, проектот го поддржа и унапредувањето на националниот инвентар на емисии на загадувачки супстанции во воздухот, изработката на карти на емисии со висока просторна резолуција и примената на напредно атмосферско моделирање.

Овие активности ги зајакнаа капацитетите за утврдување на изворите на загадување, оцена на квалитетот на воздухот во различни географски подрачја и процена на потенцијалните ефекти од мерките за намалување на загадувањето. Техничката работа беше придружена со специјализирани обуки и соработка со Македонскиот информативен центар за животна средина, што придонесе за развој на националната експертиза и за понатамошна примена на методологиите воведени преку проектот.

Национално планирање поткрепено со научна и економска процена

Меѓу главните резултати на проектот се изработката на Националниот план за заштита на амбиентниот воздух 2027–2031 и на Националната програма за контрола на загадувањето на воздухот 2027–2037. Овие плански документи утврдуваат мерки за намалување на емисиите од клучните сектори, вклучително и греењето на домаќинствата, транспортот, индустријата, енергетиката и земјоделството. Нивната подготовка беше поткрепена со процени и проекции на емисиите, атмосферско моделирање, оцена на влијанието врз здравјето и економска анализа. Со тоа се обезбеди посилна основа за утврдување на приоритетните мерки според нивната очекувана ефективност, изводливост и придобивки.

Процените покажуваат дека континуираното спроведување на целни мерки за намалување на загадувањето може да донесе значително подобрување на квалитетот на воздухот и важни придобивки за јавното здравје.

Во рамките на проектот беше изработен и двегодишен финансиски план за спроведување, во кој се утврдени приоритетните мерки и финансиските средства потребни за нивна реализација во почетната фаза.

Преточување на проектните резултати во трајни подобрувања

На завршниот настан беше нагласена и важноста постигнатите резултати од проектот да се преточат во практични и континуирани активности.

Следните приоритети вклучуваат завршување на процесот на усогласување на законодавството, обезбедување финансиски средства за утврдените мерки, зајакнување на институционалните и техничките капацитети и одржување ефективна координација меѓу националните и локалните власти. Проектот ѝ обезбеди на Северна Македонија значајни алатки, технички податоци и плански инструменти за поддршка на овие напори, а долгорочниот успех на проектот ќе се мери преку спроведувањето на неговите препораки и нивниот придонес за почист воздух, подобро јавно здравје и поодржлива животна средина за граѓаните на Северна Македонија.


Проектот „Поддршка во спроведувањето на директивите за квалитет на воздухот“, со референтен број NEAR/SKP/2022/EA-RP/0156, е кофинансиран од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош II (ИПА II).

е-Трн да боцка во твојот инбокс