Што се случува ако патник почине среде лет?

Авионот е на височина од 10.000 метри, патниците спијат, а кабинскиот персонал ја извршува својата вообичаена работа.

Но што се случува ако некој патник одеднаш изгуби свест, престане да дише или почине за време на летот?

Иако ваквите ситуации се ретки во однос на огромниот број авионски патувања, авиокомпаниите имаат посебни процедури за постапување при сериозни медицински итни случаи и смрт во воздух.

Правилата на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) откриваат дека постапката е многу посложена отколку што може да се претпостави.

Првата задача е да се спаси животот

Ако патник изгуби свест и не дише нормално, кабинскиот персонал мора да реагира според обуката за прва помош.

Во зависност од околностите, може да започне кардиопулмонална реанимација, да употреби автоматски надворешен дефибрилатор и да побара медицинска помош од патници што се лекари или други здравствени работници.

Посадата може да побара и совет од медицински служби на земја, доколку авиокомпанијата има таква поддршка.

Според насоките на IATA, реанимацијата продолжува сè додека не се воспостават знаци на живот, додека медицинските служби не ја преземат грижата или додека не се исполнат други пропишани услови за нејзино прекинување.

Значи, дури и кога состојбата изгледа безнадежна, првата задача не е организирањето на кабината, туку обидот да се спаси човекот.

Дали авионот мора веднаш да слета?

Не секој медицински случај автоматски значи принудно или итно слетување.

Капетанот ја проценува ситуацијата, земајќи ги предвид медицинските информации, оддалеченоста од најблискиот соодветен аеродром, временските услови и безбедноста на летот.

Во одредени случаи може да биде донесена одлука за пренасочување кон поблизок аеродром.

Ако се утврди или се претпоставува дека патникот починал, одлуката за продолжување или пренасочување на летот зависи од околностите и процедурите на авиокомпанијата.

Каде го сместуваат починатиот патник?

Ова е едно од прашањата што најмногу ја будат љубопитноста.

Според насоките на IATA, ако има слободно седиште подалеку од другите патници, телото може да биде преместено таму.

Ако авионот е целосно исполнет, може да остане на првичното седиште или да биде поставено на друго соодветно место што не ги блокира премините и излезите.

Ако авиокомпанијата има посебна вреќа за тело, таа може да се употреби. Во спротивно, насоките предвидуваат покривање со ќебе и соодветно обезбедување на телото.

Непосредните членови на семејството или придружниците исто така треба да добијат внимание и поддршка.

Сето ова се прави со цел да се зачуваат достоинството на починатиот и безбедноста на останатите патници.

Што се случува по слетувањето?

Капетанот го известува аеродромот за ситуацијата, за на местото да бидат присутни соодветните служби.

Според препораките на IATA, другите патници прво треба да го напуштат авионот, а телото да остане сè додека надлежните органи не пристигнат да го преземат.

Придружниците на починатиот обично остануваат во координација со персоналот и службите што треба да им помогнат со понатамошните постапки.

Во зависност од земјата, може да следуваат медицински, административни или полициски процедури.

Дали другите патници мора да знаат?

Не постои единствено правило што важи за секоја ситуација.

Посадата треба да ја зачува приватноста и достоинството на лицето, но и да ги извести патниците кога тоа е неопходно за нивната безбедност или за организацијата на летот.

Токму затоа не секој сериозен медицински случај мора да биде јавно објаснет преку разгласот.

За кабинскиот персонал, ова е една од најтешките можни ситуации: истовремено треба да се справува со итен медицински случај, вознемирени патници и семејство што можеби ја доживува најтешката загуба во животот.


Патниците вообичаено ги гледаат стјуардесите и стјуардите како луѓе што се грижат за удобноста за време на летот. Но нивната работа вклучува и подготовка за околности во кои најважни стануваат брзата реакција, човечноста и безбедноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс