По години тапкање во место и разни предизвици денеска, конечно почна изградбата на новата Универзална сала во Скопје.
Според предвиденото, се очекува изградбата да заврши до крајот на 2027 година, а целиот проект ќе чини 20 милиони евра.
Според властите, објектот кој со децении беше симбол на Скопје ќе добие нов, модерен изглед и мултифункционалност со што ќе се збогати понудата на културно уметнички настани во главниот град.
По години нефункционирање Универзална сала почна да се реновира на крајот на мандатот на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.
Со доаѓањето на ексградоначалничката Данела Арсовска работите се стопираа за околу две години.
Потоа, со одлука на Владата, додека министерка за култура беше Бисера Костадиновска-Стојчевска, ресорното Министерство ја презеде салата од Град Скопје и се продолжи со реконструкцијата, која потоа беше стопирана од пожарот.
За потсетување, во Универзалната сала избувна пожар во април 2024 година, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција.
Реконструкцијата на Универзалната сала се смета за еден од клучните проекти во подготовките за престижната титула „Европска престолнина на културата 2028“, со која Скопје има амбиција да се позиционира како регионален културен центар.