Шпанскиот весник „Ел Паис“ објави опсежна репортажа под наслов „Прирачник за соборување: Како студентите во Србија го победија Вучиќ без насилство“, во која детално го анализира патот на студентското движење – од протестите по трагедијата во Нови Сад до политичката победа што ја промени власта во Србија.
Две години протести, истрајност, солидарност, одбивање на соработка со опозициските партии и внимателно подготвена изборна кампања им овозможиле на студентите да ја надминат меѓусебната различност, да го зачуваат единството и, можеби најважно, да ги ослободат граѓаните од стравот од власта.
Новинарот Франсиско Перехил разговарал со студенти кои учествувале во организирањето на протестите, изградбата на движењето и изборната кампања. Нивните сведоштва откриваат како млади луѓе без претходно политичко искуство успеале да се спротивстават на долгогодишната владејачка структура.
Според резултатите што ги наведува „Ел Паис“, по пребројувањето на гласовите од 99,4 проценти од избирачките места, Студентската листа освоила 141 пратенички мандат, додека листата собрана околу Александар Вучиќ и Српската напредна странка добила 103 мандати. Во моментот на објавувањето на текстот се очекувало повторување на гласањето на 50 избирачки места поради неправилности.
Особено е интересно што меѓу 250 кандидати на Студентската листа немало ниту еден студент. Младите ја организирале кампањата, ги избирале кандидатите и го контролирале изборниот процес, но пратеничките места им ги отстапиле на професори, економисти, земјоделци, спортисти и други претставници на општеството.
„Ќе беше неодговорно самите да се ставиме на листата. Имаме уште многу да учиме во животот и не можеме да управуваме со државата“, изјавил за „Ел Паис“ Максим Крумес, 22-годишен студент по контрабас на Факултетот за музичка уметност во Белград.
Од трагедијата во Нови Сад до изборната победа
Сè започнало на 1 ноември 2024 година, кога во 11:52 часот се урнал настрешникот на Железничката станица во Нови Сад. Студентите почнале секојдневно да го блокираат сообраќајот во траење од 15 минути, во знак на почит кон жртвите.
По смртта на 18-годишниот Вукашин Црнчевиќ, кој четири месеци бил во кома, бројот на загинатите се искачил на 16, па блокадите биле продолжени на 16 минути. Истовремено, студентите ги окупирале факултетите, каде што живееле, спиеле, се организирале и носеле одлуки.
„Речиси една година немавме испити. Јадевме и спиевме на блокираните факултети, од каде што ги организиравме нашите активности“, раскажал Борис Којчиновиќ, студент на магистерски студии по комуникологија на Филозофскиот факултет во Нови Сад.
„Ел Паис“ посочува дека еден од клучните елементи на успехот на студентите бил начинот на кој ги носеле одлуките. Наместо еден лидер, имале пленуми на кои за секое прашање се дискутирало и се гласало. Александар Булајиќ, 25-годишен студент по психологија, признава дека таквиот процес често бил бавен поради големите разлики во мислењата.
„Но, кога ќе постигневме договор, сите го почитуваа и го бранеа. Така ја стекнавме довербата на српското општество“, објаснил тој.
Разлики меѓу студентите имало и во однос на Русија и Европската Унија. За овие прашања се воделе долги дискусии.
„За сè, дури и за најосновните и најбезопасните работи, темелно разговаравме. И токму тоа е убавината на ова движење. Така функционира демократијата“, рекол Крумес.
Кога станува збор за Косово, тој навел дека меѓу студентите немало позначајни несогласувања, бидејќи, како што рекол, сите сметаат дека Косово е дел од Србија.
Жените имале клучна улога во движењето
„Ел Паис“ посебно ја истакнува улогата на студентките, кои често биле меѓу најрешителните во спротивставувањето на притисоците. Јелена Станојевиќ, 23-годишна студентка на Правниот факултет во Нови Сад, смета дека придонесот на жените бил пресуден, но недоволно препознаен.
„Многу жени го кренаа гласот против членови на Српската напредна странка или против полицајци. И самата му се спротивставив на човек висок два метра, кој дојде на мојот факултет за да ни врши притисок. Не отстапив ниту чекор“, раскажала таа.
Еден од пресвртните моменти, според Борис Којчиновиќ, се случил во јануари 2025 година, кога напаѓачи поврзани со Српската напредна странка ја нападнале неговата пријателка Ана Вучак со бејзбол-палка и ѝ ја скршиле вилицата.
По инцидентот оставки поднеле тогашниот премиер Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, но Вучиќ останал на власт. Студентите, сепак, не се откажале од протестите и развиле систем на меѓусебна заштита.
„Секогаш бевме тука да му дадеме поддршка на секој што беше нападнат од режимот. Ако некој добиваше закани, беше изложен на притисоци или одмазда, јавно зборувавме за неговиот случај, бевме покрај него и му обезбедувавме правна помош“, рекла Станојевиќ.
Без лидер што власта би можела да го нападне
Една од најважните одлуки на студентското движење била да нема еден препознатлив лидер. Според соговорниците на „Ел Паис“, на тој начин спречиле власта да го насочи целиот притисок кон една личност. Булајиќ тврди дека студентите биле постојано прислушувани.
„Сè за што разговаравме се појавуваше во провладините медиуми. Но, често намерно им дававме лажни информации и тие паѓаа во замката“, рекол тој.
Студентите набрзо ја покренале и иницијативата „Студент во секое село“, преку која ги посетувале населените места низ Србија и разговарале со граѓаните. Според Булајиќ, пристигнувањето на студентска колона во некое мало место имало огромно емотивно значење за жителите. Важен момент бил и големиот протест одржан на 15 март 2025 година во Белград, на кој, според процената што ја наведува шпанскиот весник, учествувале околу 300.000 луѓе.
Сепак, движењето не било подеднакво видливо во текот на целиот период.
„Имаше моменти кога многумина мислеа дека сме исчезнале, особено за време на божиќните празници или во летото 2025 година. Но, тогаш ги организиравме луѓето, баравме кандидати и обучувавме волонтери“, објаснила Станојевиќ.
Поразите ги научиле како да победат
„Ел Паис“ наведува дека студентите извлекле важна лекција од локалните избори одржани на 29 март, кога ги поддржале политичките опции во десет општини, но сите изгубиле.
Булајиќ смета дека тој неуспех бил своевидна генерална проба за парламентарните избори.
„Научив како да управувам со хаосот и како од таа енергија да извлечам нешто добро. Не може сè да се испланира. Ова е борба во која мора многу брзо да се приспособувате“, рекол Павле Ковачевиќ, 22-годишен информатички инженер.
Во мај 2025 година студентите одлучиле да започнат подготовки за парламентарните избори, и покрај противењето на дел од движењето, кој сметал дека изборите ќе бидат наместени. Една од најважните стратешки одлуки била на изборите да настапат независно од опозициските партии.
„Опозицијата изгуби голем дел од довербата на граѓаните. Луѓето долго чекаа опозициските партии да се обединат и да осмислат стратегија за политички промени, но тие никогаш не успеаја во тоа. Вучиќ направи сè за да ги дискредитира. Меѓусебно се поддржувавме, но оваа борба моравме да ја водиме самостојно“, објаснил Којчиновиќ.
Изборот на кандидатите се одвивал во најголема тајност.
„Не ги изговаравме имињата гласно. Ги означувавме со кругчиња бидејќи знаевме дека нè прислушуваат“, раскажала Јелена Станојевиќ.
