(Видео) Принцот Хари пристигна во посета на Киев: „Сакам да ги потсетам луѓето дома и низ целиот свет против што се бори Украина”

Војводата од Сасекс допатува во украинската престолнина во рамки на својата трета посета од почетокот на руската инвазија, со порака дека Украина не се бори само за територија, туку и за вредности.

Принцот Хари ненајавено пристигна во Киев, со што се бележи негова трета посета на Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. „Убаво е да се вратиш во Украина“, рече војводата од Сасекс кратко по пристигнувањето во украинската престолнина.

Во изјава за ITV News, Хари ги објасни мотивите за неговото пристигнување, нагласувајќи дека сакал да ја потсети светската јавност на ужасите со кои се соочува Украина секој ден.

„Сакам да ги потсетам луѓето дома и низ целиот свет против што се бори Украина. Дојдов да ги поддржам луѓето и партнерите кои работат извонредна работа секој час, секој ден, во неверојатно тешки услови“, рече принцот. „Ова е војна за вредности, а не само за територија“ додаде тој.

Хари ќе учествува на Киевскиот форум за безбедност за време на престојот во Киев. Во својот говор, се очекува да ја опише Украина како „прва линија на одбрана на самата демократија“. Според најавите, принцот остро ќе ги осуди воените злосторства на Владимир Путин, нарекувајќи ги „систематски и намерни“ и ќе предупреди дека конфликтот во Украина не е само борба за територија, туку „војна за вредности“.

Покрај политичките состаноци, Хари планира да посети и експерти за деминирање од хуманитарната организација HALO Trust. Ова е организација која некогаш беше силно поддржана од неговата покојна мајка, принцезата Дајана, чии фотографии од мински полиња во Ангола го обиколија светот во 1990-тите.

Како поранешен војник кој служел во британската армија десет години, Хари ќе помине и некое време со украинските учесници на неговата фондација Invictus Games. Оваа фондација им помага на ранетите ветерани да се опорават преку спорт, а украинскиот тим е еден од најистакнатите на натпреварите со години.

Да потсетиме дека од почетокот на инвазијата, Хари е еден од најгласните застапници на поддршката за Украина меѓу членовите на британското кралско семејство, иако повеќе не извршува службени должности во име на монархијата. Неговата посета се одвива под строги безбедносни мерки, а деталниот распоред не е објавен однапред од безбедносни причини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни