Примирјето пропаѓа? Нови американски напади врз Иран, Техеран возврати со ракети и дронови

Тензиите на Блискиот Исток повторно ескалираат. САД извршија нови напади врз Иран, а Техеран возврати со ракети и дронови кон американски бази во Кувајт и Бахреин. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето.

И покрај договореното примирје, судирите меѓу САД и Иран повторно се разгоруваат. Американската војска изврши нови воздушни напади врз повеќе цели во Иран, како одговор на нападот со дрон врз трговски брод под панамско знаме во Ормутскиот Теснец. Од американската Централна команда соопштија дека биле погодени воени цели поврзани со надзор, комуникации и беспилотни летала, наведувајќи дека акцијата е одговор на, како што велат, „континуираната агресија“ врз меѓународниот поморски сообраќај.

Иран возврати со лансирање ракети и дронови кон американски воени објекти во Кувајт и Бахреин, по што двете страни меѓусебно се обвинија за прекршување на договорот за прекин на огнот.

Трамп со нова закана, Иран ја обвини Америка дека не го контролира Израел

Американскиот претседател Доналд Трамп преку својата социјална мрежа порача дека Иран повторно го прекршил договорот за примирје и предупреди дека САД би можеле повторно да започнат поширока воена операција доколку нападите продолжат. Во меѓувреме, Иран го обвини Израел дека продолжува со воени операции во јужен Либан и покрај постигнатите договори. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека САД имаат обврска да обезбедат почитување на договореното и да го спречат продолжувањето на израелските напади.

Договорот за примирје, постигнат на 17 јуни, предвидуваше безбедна пловидба низ Ормутскиот Теснец и постепено намалување на тензиите, но новите судири повторно ја доведуваат во прашање неговата одржливост. Ормутскиот Теснец останува еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта и природен гас, па секоја ескалација во регионот има потенцијал да предизвика нови потреси на глобалните енергетски пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс