Пријави се денеска, трчај во октомври: Вториот рок за Виз ер маратонот завршува на 31 јули

Виз Ер Скопски маратон е настан за сите – од професионални атлетичари и искусни тркачи, до рекреативци, почетници, компании

Скопје повторно се подготвува да стане центар на трчањето, спортскиот дух и позитивната енергија. На 4 октомври 2026 година ќе се одржи 22. издание на Виз Ер Скопски маратон, а пријавувањето за најголемиот тркачки настан во земјата е во полн ек. 

Вториот рок за пријавување завршува на 31 јули, па сите кои планираат оваа есен да застанат на стартната линија се повикуваат навреме да го обезбедат своето учество и да започнат со подготовките.

Виз Ер Скопски маратон е настан за сите – од професионални атлетичари и искусни тркачи, до рекреативци, почетници, компании, спортски клубови и тимови кои сакаат да споделат заеднички предизвик. Без разлика дали целта е да се истрча првиот маратон, да се постави нов личен рекорд, да се направат првите чекори во светот на трчањето или едноставно да се биде дел од една голема спортска приказна, секој може да го пронајде својот предизвик.

Програмата на Виз Ер Скопски маратон 2026 нуди различни можности за учество. На програмата се маратонот на 42,195 км, полумаратонот на 21 км, штафетниот маратон „ЕУ за спорт“ и рекреативната трка на 5 километри. Покрај во полумаратонот и на трката на 5КМ, од оваа година тимско натпреварување (Team Building трка за компании), ќе има и во маратонската трка.

Интересот за овогодишното издание веќе има силен меѓународен карактер. Досега се пријавени учесници од 52 земји, што уште еднаш го потврдува угледот на Виз Ер Скопски маратон како значаен спортски и туристички настан во регионот. Покрај најбројните домашни натпреварувачи од Македонија, најголем број пријавени досега има од Србија, Германија, Велика Британија, Шпанија, Италија, Франција, Унгарија, Турција и Холандија, со што Скопје и оваа година ќе биде место каде што преку трчањето ќе се сретнат учесници од различни земји, култури и спортски заедници.

Трчањето не е само спорт. Тоа е процес кој бара посветеност, дисциплина и истрајност, но истовремено носи чувство на напредок и лична победа. Секој тренинг, секој истрчан километар и секоја надмината граница се чекор кон подобра верзија од себе. Токму затоа, мотото на Виз Ер Скопски маратон е „Трчањето ќе те промени“ – порака која ја истакнува трансформативната моќ на трчањето и позитивното влијание што спортот може да го има врз секојдневниот живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс