Пријателство или љубов: Знаци што откриваат скриени чувства

Од промена во пораките до љубомора на спомнување туѓо име, границата меѓу близок другар и партнер се препознава во ситните гестови.

Преминувањето од другарство во романтична врска ретко се случува преку ноќ, но секогаш остава видливи траги во однесувањето. Анализите на релациските психолози објавени во магазините „Грација“ и „Д модест мен“ издвојуваат неколку јасни показатели според кои се препознава дали меѓу двајца постои само пријателство или љубов. Промената во секојдневната комуникација, говорот на телото и скриените реакции на љубомора покажуваат кога платонската релација прераснува во нешто подлабоко.

Првиот сигнал е начинот на кој се организира слободното време. Кога еден пријател почнува да развива поинакви чувства, средбите во пошироко друштво одеднаш се заменуваат со инсистирање на разговори „еден на еден“. Пораките не стигнуваат само кога има конкретен повод, туку постојано, со изговори за проверка на денот. Личноста често ги поместува сопствените обврски или откажува други планови само за да се појави на кафе. Ако секојдневната комуникација стане правило, а не исклучок, односот веќе излегол од стандардните пријателски рамки.

Темата за љубовниот живот е сигурен тест за вистинската природа на врската. Кај чистото другарство разговорите за симпатии и нови состаноци течат лесно и со поддршка. Меѓутоа, појавата на затегнатост, тивка љубомора или обид да се омаловажи личноста за која зборувате, упатува на скриен интерес. Под несвесната потреба да се најдат маани на секој потенцијален партнер најчесто стои страв од губење на позицијата.

Говорот на телото испраќа сигнали што тешко се контролираат со разум. Честите, навидум случајни допири по раката, подолгите прегратки при поздравување и потребата да се седи физички поблиску се јасни индикатори. Личноста што чувствува романтична привлечност често покажува ненадејна збунетост, руменило или го спушта погледот кога ќе се воспостави директен контакт со очите. Забележлива е и промената во облекувањето: ако претходно лежерните средби сега бараат посебно средување, мотивот за средбата повеќе не е само обично дружење.

Кога директното признание изгледа премногу ризично поради страв од одбивање, теренот се испитува преку хумор. Флертот скриен зад полусериозни коментари од типот „како би изгледало да сме заедно“ служи токму за мерење на вашата реакција. Покрај тоа, плановите за идни патувања или настани сè почесто се формулираат со зборот „ние“ наместо „јас“. Ваквиот пристап покажува дека другата страна веќе ве гледа како траен дел од својот личен простор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс