Превозниците од регионот на Западен Балкан се уште го чекаат конечното решение од ЕУ кое се однесува на нивниот престој во Унијата, а од одговорот ќе зависи дали ќе има нови блокади на граничните премини.
Ова денеска го изјави претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ кој додаде дека Европската комисија сè уште не понудила решение за укинување на ограничувањето на престојот на професионалните возачи на камиони од Западен Балкан во земјите од Шенген-зоната
Тој за агенцијата Бета изјави дека состанокот со надлежниот директорат на Европската Унија, на кој треба да се разговара за изземање на возачите во меѓународниот транспорт од правилото според кое престојот во Шенген-зоната е ограничен на 90 дена во период од 180 дена, би требало да се одржи кон крајот на следната недела.
Мандиќ рече дека здруженијата на превозници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија испратиле писмо до Европската Унија и побарале средба, предлагајќи таа да се одржи во Белград или во Брисел, но најверојатно ќе биде организирана онлајн, што, според него, не е соодветен формат за вакви разговори.
Тој додаде дека тројца надлежни директори од Директоратот на ЕУ за мобилност и транспорт се на одмор до 12 август, поради што разговорите се очекува да се одржат по тој датум.
– Возачите кои ќе бидат затекнати во Шенген-зоната и натаму се депортираат, а камионите се задржуваат, и покрај договорот од 10 април годинава со кој беше предвидено деновите поминати во Шенген до тој датум да се избришат и да започне ново броење. Возачите кои веќе ја исполниле квотата од 90 дена во последните шест месеци и понатаму не можат да влезат во Хрватска, Унгарија или Романија – рече Мандиќ.
Тој додаде дека од воведувањето на правилото 90/180 во октомври 2025 година, кое се применува за престојот на превозниците во земјите од Шенген-зоната – која, покрај државите од ЕУ, ги опфаќа и Исланд, Норвешка, Швајцарија, Лихтенштајн, Монако, Сан Марино и Ватикан – ништо не е променето за да им се овозможи на превозниците непречено да вршат меѓународен транспорт.
На крајот на јануари годинава превозниците од Србија и Босна и Херцеговина четири дена ги блокираа товарните терминали на граничните премини, но не беше најдено решение тие да бидат изземени од ограничувањето за престој во земјите од Шенгенскиот договор.
Правилото 90/180 Европската Унија го воведе со цел да го спречи неконтролираниот прилив на мигранти, при што статусот на професионалните возачи во меѓународниот транспорт беше изедначен со статусот на туристите.