Секој скок или пад на светските берзи на сурова нафта веднаш го отвора истото очекување кај возачите во земјава, но македонскиот модел за пресметка не функционира така. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) секој понеделник утврдува највисоки малопродажни цени користејќи посебен Правилник. Домашните бројки на бензинските пумпи не ја следат цената на суровата нафта Брент, туку готовиот преработен дериват на регионалните пазари и курсот на денарот во однос на американскиот долар.
Главната заблуда во јавноста произлегува од следењето на барелот нафта од типот Брент на светските берзи. Македонија нема сопствена активна рафинерија и не увезува сурова нафта за преработка. Домашните трговци купуваат готови, рафинирани нафтени деривати директно од регионалните центри, главно од Грција.
Поради тоа, регулаторот во формулата ги зема предвид просечните котации на Platts за Медитеранот (CIF Med CIF Genova/Lavera) во претходниот петдневен период. Цената по која рафинериите го продаваат готовиот еуросупер или дизел често се движи независно од цената на суровиот барел, во зависност од капацитетите за преработка, побарувачката на готови горива и логистичките трошоци.
Вториот клучен елемент во увозната цена е валутниот курс. Сите меѓународни нафтени зделки се склучуваат во американски долари, додека малопродажбата во земјава се наплаќа во денари.
Формулата на РКЕ ја пресметува просечната вредност на американскиот долар во однос на денарот за истиот петдневен период според курсот на Народната банка. Доколку котациите на дериватите паѓаат на берзата, но доларот истовремено зајакне во однос на денарот, ефектот од намалувањето на берзите целосно се поништува за крајниот купувач.
Берзанската набавна цена на дериватот сочинува помалку од половина од вкупната сума што се плаќа на бензиските. Остатокот се состои од строго пропишани и главно фиксни давачки што не зависат од берзанските движења.
Во структурата на крајната цена влегуваат маржата за трговија на големо и мало, трошоците за транспорт и складирање, надоместокот за задолжителни резерви на нафта, надоместокот за животна средина, акцизата како фиксен денарски износ по литар и данокот на додадена вредност од 18 отсто што се пресметува на самиот крај врз вкупниот износ. Поради ваквата даночна структура, дури и драстичен пад на берзанската набавка носи само умерен процент на поевтинување на бензинските пумпи.
Последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика од вчера директно ги илустрира разликите во движењето на дериватите на медитеранската берза. Додека дизелот забележа значително намалување од 6,50 денари по литар и се спушти на 95 денари, малопродажните цени на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се зголемија за еден денар, достигнувајќи 94 односно 96 денари за литар.
Ова разидување во ценовниот тренд помеѓу двата типа гориво се должи исклучиво на одвоените котации на Platts. Побарувачката и рафинериските маржи за дизел горивото на регионалниот пазар забележаа пад, додека бензините бележат благ раст, што во комбинација со неделните паритети на денарот и доларот ја формираше конечната табела на бензинските пумпи.