Жири-комисијата за наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ одлучи 20 изданија од девет издавачки куќи да поминат во вториот круг. Изборот опфаќа 23 преведувачи и дела преведени од 12 јазици. Годинава наградата првпат се фокусира на препеви на поетски дела.
Тричлената комисија во состав д-р Иван Џепароски, д-р Владимир Цветкоски и д-р Јана Михајловска ја одржа работната средба на 31 август во просториите на издавачката куќа „Антолог“. Од првично номинираните 24 дела на 27 преведувачи, во потесниот круг влегоа 20 наслови.
На списокот се најдоа дела од различни книжевни средини:
- Агим Мустафаи за препевот од албански јазик на „Тестамент од свила“ од Лулзим Хазири („Перун артис“, 2024)
- Ана Пејчинова за препевот од англиски јазик на „Избрани песни“ од Радјард Киплинг („Полица“, 2024)
- Виолета Танчева-Златева и Милена Сиљаноска за препевот од српски јазик на книгата од Срѓан Драгојевиќ („Три“, 2025)
- Горјан Костовски за препевот од англиски јазик на „Нови познати фрази“ од Даниел Хејндс („СВП“, 2026)
- Даниела Спироска за препевот од англиски јазик на „Песни“ од Дилан Томас („ПНВ Публикации“, 2026)
- Драгана Евтимова за препевот од словенечки јазик на „Тускулум“ од Денис Шкофич („ПНВ Публикации“, 2025)
- Групата преведувачи (Елена Колева, Љубинка Басотова, Даниела Тошева, Војислав Саракински, Валериј Софрониевски, Светлана Кочовска-Стевовиќ и Методија Тасевски) за „Антологија на античката лирика“ („Чудна шума“, 2025)
- Ели Пујовска за препевот од холандски јазик на одбраните песни од Анеке Брасинга („СВП“, 2026)
- Звонко Танески за препевот од словачки јазик на одбраните песни од Иван Штрпка („СВП“, 2025)
- Иван Шопов за препевот од бугарски јазик на книгата од Димана Јорданова („Чудна шума“, 2026)
- Игор Радев за препевот од кинески јазик на „Безначајни песни“ од Шји Чуан („СВП“, 2026)
- Јовица Ивановски за препевот од српски јазик на „Змијарник“ од Тања Ступар Трифуновиќ („ПНВ Публикации“, 2024)
- Јулијана Величковска за препевот од англиски јазик на „Погребувањето на глувчарапчето“ од Дерин Рис-Џоунс („ПНВ Публикации“, 2025)
- Кристина Краличин Павлеска за препевот од српски јазик на „Овој пат се бирам себеси“ од Дизграм („Матица“, 2026)
- Ксенија Чочкова за препевот од германски јазик на делото од Михаел Кригер („СВП“, 2026)
- Никола Ѓелинчески за препевот од англиски јазик на „Неред“ од Питер Мекеј („СВП“, 2026)
- Никола Маџиров за препевот од бугарски јазик на „Таму каде што не сме“ од Георги Господинов („Или-или“, 2025)
- Петар Андоновски за препевот од грчки јазик на „30 грчки современи автори“ („Прозарт“, 2025)
- Сашо Огненовски за препевот од српски јазик на „Каин и Абот, Авел и Костело“ од Ненад Јовановиќ („Перун артис“, 2024)
- Славе Ѓорѓо Димовски за препевот од хрватски јазик на „Зебрано“ од Мирослав Кирин („ПНВ Публикации“, 2025)
Ова е првпат од основањето на наградата признанието да се додели за превод на поетско дело. Изборот директно се надоврзува на наследството на професорот Драги Михајловски, кој остави значаен опус во препевот на стихувани класици на македонски јазик.
Наградата ја организира издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје. Признанието беше воспоставено во 2022 година, кога првата почесна награда му беше доделена токму на Михајловски.