Најмалку 12 лица загинаа, а десетици се повредени во нов масовен руски напад врз Киев и околниот регион, што претставува шести последователен ден на воздушни удари врз украинскиот главен град. Нападот бил извршен со балистички ракети и нова генерација млазни дронови, при што се погодени станбени објекти и клучна железничка инфраструктура.
Во самиот Киев животот го загубија осум лица, а спасувачките служби интервенираа на повеќе локации каде избија пожари. Шефот на државната железничка компанија „Укрзализниција“, Олександр Перцовски, потврди дека шест од жртвите биле вработени во железницата, откако балистички проектили директно погодиле депо и придружни железнички објекти.
Во градот Бориспол, во близина на Киев, проектилите погодија станбена зграда и други цивилни објекти. Таму загинаа четири лица, а 13 се повредени, соопшти регионалниот гувернер Тимур Ткаченко. Претседателот Володимир Зеленски објави дека меѓу загинатите има и еден државјанин на Индија. Украинското воздухопловство соборило пет балистички проектили, но одбраната се соочува со сериозни предизвици поради новите дронови на млазен погон кои летаат со значително поголема брзина.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека утринскиот напад намерно таргетирал цивилни населби и транспортни коридори. Тој побара од западните сојузници да го засилат економскиот притисок врз Москва и да се активира механизмот за користење на замрзнатите руски државни средства во странство за финансирање на украинската одбрана.
„Време е да му се испрати јасен сигнал на Кремљ дека симулирањето дипломатија повеќе не поминува“, напиша Сибиха, предупредувајќи дека залихите на ракети за американските системи „Патриот“ се на критично ниво.
Нападите не запреа само во киевскиот регион. Проектили погодија и граничен премин кон Романија во регионот на Одеса, што остави илјадници семејства без електрична енергија и дополнително го наруши земјоделскиот извоз. Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур соопшти дека дел од беспилотните летала за време на борбените дејства накратко влегле и во естонскиот воздушен простор.
Истовремено, украинските сили изведоа воздушни напади врз руски логистички капацитети, предизвикувајќи пожар во извозното пристаниште Уст-Луга на северозападот на Русија и оштетувања на нафтени постројки во регионот Самара.