Рама најави казни до 5.500 евра, ќе одговараат и демонстранти што не се повлекле по полициско предупредување

Фото: EPA/CESARE ABBATE

Албанскиот премиер Еди Рама најави казни до 5.500 евра во рамките на нов пакет мерки против насилството на протестите. Според најавата, казни се предвидени и за учесници што нема да се повлечат по предупредување од полицијата, доколку останат во група што оштетува имот.

Рама денеска го претстави пакетот против, како што го нарече, „насилството и урбаната анархија“, пренесува Еуроњуз Србија.

Тој тврди дека мерките не се насочени против мирните демонстранти и дека одговорноста за надоместување на штетата ќе произлегува од личното однесување.

Казни и за оние што ќе останат по предупредувањето

Според Рама, финансиски ќе одговараат и лицата што, по полициско предупредување да се оддалечат, ќе останат во група што фрла камења, пали или уништува имот.

Од ова правило, според најавата, ќе бидат изземени новинарите, лекарите, набљудувачите, лицата на службена должност и случајните минувачи.

За штета предизвикана од деца помлади од 14 години, казната ќе ја плаќаат родителите.

Државата ќе обесштетува мали бизниси

Пакетот предвидува државата да покрие од 70 до 100 проценти од штетата на малите бизниси погодени од провали, грабежи и пожари.

Најавени се и посебен закон за надоместување на штетата, измени на законот за собири, електронски регистар за прекршители, како и промени во етичкиот кодекс за наставниците и Кривичниот законик.


Рама рече дека е подготвен да ги сослуша граѓаните што имаат забелешки на владата, но порача дека барањето за негова оставка не може да се наметне со насилство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс