Германската влада се подготвува обидот за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг/Хале официјално да ѝ го припише на руската тајна служба, објави весникот „Билд“ повикувајќи се на извори од безбедносните кругови. Инцидентот се случи на 4 август кога специјално изработено летало удри во крилото на украински транспортен авион „Антонов“, но експлозивот не се активираше.
Безбедносните камери на аеродромот Лајпциг/Хале регистрирале како леталото намерно се насочува кон украинскиот карго-авион. Дронот удрил во крилото, во непосредна близина на резервоарот за гориво.
Леталото носело околу 600 грама експлозив, за кој се сомнева дека е семтекс, заедно со детонатор. Направата не експлодирала при ударот, туку паднала на пистата. Ја пронашол возач на аеродромски автобус дури четири часа подоцна. Истрагата утврди дека не станува збор за комерцијален дрон, туку за наменски конструирано летало.
Германските безбедносни служби собраа доволно цврсти докази што директно упатуваат на вмешаност на руската држава. Министерот за внатрешни работи Александар Добринт и шефот на дипломатијата Јохан Вадефул треба официјално да ги презентираат наодите од истрагата.
Вадефул од Алжир порача дека Германија подготвува одмерен, но решителен одговор во координација со партнерите од Европската Унија и НАТО.
„Нема да реагираме претерано, но ќе реагираме ако бидеме нападнати. Германија на ниту еден начин нема да дозволи да биде заплашена“, изјави Вадефул.