Пустец ја прекинува соработката со ВМРО-ДПМНЕ Албанија по скандалот со химната

Градоначалникот Пали Колефски тврди дека организаторите биле однапред предупредени за албанската химна и најави целосен прекин на односите.

Општина Пустец ги прекинува сите односи и соработката со здружението ВМРО-ДПМНЕ Албанија по инцидентот на манифестацијата од 20 август, каде што беше интонирана само македонската химна. Градоначалникот Пали Колефски во изјава за албанскиот медиум „Albanian Post“ нагласи дека локалната самоуправа немала контрола врз протоколот на настанот на кој присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, но дека организаторите свесно ги прекршиле претходните институционални договори.

Општинските власти побарале увид во протоколот пред почетокот на настанот за да се избегнат недоразбирања. Колефски посочува дека испратил јасно укажување до здружението: доколку се изведува химната на Северна Македонија, задолжително мора да биде интонирана и националната химна на Република Албанија. Според него, организаторите првично го прифатиле ова барање, но за време на официјалната програма албанската химна целосно изостанала.

Градоначалникот наведе дека присуствувал на настанот исклучиво од почит кон македонскиот премиер. По заминувањето на Мицкоски, Колефски го напуштил настанот во знак на револт.

Општината официјално побара писмено образложение за протоколарниот пропуст и донесе одлука за целосен прекин на соработката со здружението ВМРО-ДПМНЕ Албанија. Како мерка за заштита од идни слични инциденти, локалната власт воведува правило со кое за секој следен настан на територијата на општината ќе се бара претходно доставување и одобрување на целосната протоколарна програма.

Оваа одлука доаѓа по низата реакции во албанската јавност. Колефски потенцира дека почитувањето на македонскиот културен и национален идентитет во областа Преспа не смее да се поставува во конфликт со државните симболи на Албанија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс