8 правила за пресадување цвеќиња без да ги уништите корените

Цвеќињата не треба само да се полеваат и ставаат на светло. За да растат здраво, важно е навреме да се пресадат, во соодветна саксија, со добра дренажа и без непотребно притискање на земјата.

Ако цвеќето стагнира, листовите му пожолтуваат или корените веќе излегуваат од саксијата, можеби не му треба повеќе вода, туку повеќе простор. Собните растенија најчесто треба да се пресадуваат на една до две години, во зависност од видот, брзината на раст и состојбата на коренот.

Пресадувањето не е само „преместување“ од една саксија во друга. Ако се направи грубо, може да го оштети коренот и да го шокира растението. Но ако се направи внимателно, со соодветна земја, дренажа и правилна големина на саксија, растението добива простор повторно да расте.

1. Изберете малку поголема саксија

Новата саксија не треба да биде огромна, туку само неколку сантиметри поголема од претходната. Ако е премногу голема, земјата ќе задржува повеќе вода отколку што коренот може да искористи, што може да доведе до гниење.

2. На дното задолжително ставете дренажа

Добрата дренажа е една од најважните работи при пресадување. На дното на саксијата треба да има слој што ќе помогне вишокот вода да се одлева, за корените да не стојат постојано во влага. Може да се користат камчиња, керамзит или друг соодветен дренажен материјал.

3. Внимателно отстранете дел од старата земја

Кога ќе го извадите растението од старата саксија, не го тресете грубо. Со внимателно протресување или со раце отстранете дел од старата земја околу коренот, особено ако е сува, збивната или веќе нема хранливи материи.

4. Поставете го растението на вистинска висина

Коренот треба да се постави така што растението да не биде ниту предлабоко, ниту премногу високо во саксијата. Потоа постепено додавајте свежа земја околу него, додека растението не стои стабилно.

5. Добро полејте по пресадувањето

По пресадувањето, растението треба добро да се полее за земјата рамномерно да се распореди околу коренот. Водата ќе помогне да се пополнат празнините во земјата и коренот полесно да се прилагоди на новата саксија.

6. Не ја набивајте земјата премногу

Земјата не треба силно да се притиска. Доволно е растението да стои стабилно. Ако земјата премногу се набие, коренот потешко ќе дише, а водата ќе се движи полошо низ саксијата. По полевањето, не ја притискајте дополнително.

7. Оставете го растението да се прилагоди

Неколку дена по пресадувањето, саксијата оставете ја на топло и мирно место, но подалеку од директно сонце. Растението во тој период се прилагодува, па не треба веднаш да се изложува на силна светлина или дополнителен стрес.

8. Не пресадувајте додека цвета

Ако растението цвета, почекајте да прецвета. Цветањето веќе бара многу енергија, а пресадувањето во тој момент може дополнително да го исцрпи. Најдобро е да се пресадува кога растението е во фаза на активен раст, но не и во момент на цветање.

Пресадувањето е мал стрес за растението, но и нов почеток. Со добра саксија, свежа земја, дренажа и малку трпение, цвеќето добива простор повторно да дише, да пушта нови корени и да расте посилно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс