Премиера на „Идеален маж“ на Александар Поповски и Кирил Џајковски во Загреб

Оваа премиера е и ново поглавје во една од најплодните и најуспешни уметнички соработки на Балканот.

На 5 јуни 2026 година, на големата сцена на HNK (Hrvatsko narodno kazalište) во Загреб ќе се одржи премиерата на „Идеален маж“ според познатата драма на Оскар Вајлд, во режија на еден од најреномираните македонски и европски театарски режисери, Александар Поповски, со музика на истакнатиот македонски композитор и музички автор Кирил Џајковски.

Оваа премиера е и ново поглавје во една од најплодните и најуспешни уметнички соработки на Балканот. Поповски и Џајковски повеќе од две децении создаваат заедно, реализирајќи над 20 театарски проекти на сцените на најзначајните театри во регионот и Европа. Нивната заедничка естетика, препознатлива по силната драматуршка динамика, современиот сценски израз и впечатливата музичка атмосфера, остави длабока трага во современиот европски театар.

Нивната соработка резултираше со неколку култни претстави кои беа препознаени и од критиката и од публиката како антологиски остварувања. Оваа година дури две нивни соработки беа избрани меѓу најдобрите театарски претстави во Хрватска во последните 25 години, потврдувајќи го исклучителното влијание што овие двајца македонски автори го имаат врз современиот театарски простор во регионот.Во „Идеален маж“, едно од најзначајните дела на Оскар Вајлд, Поповски повторно се навраќа на темите што ја одбележуваат неговата режисерска поетика – политичката моќ, моралот, лицемерието и општествените маски.

Музиката на Џајковски, која претставува неразделен дел од нивниот заеднички сценски јазик, носи дополнителна емоционална и современа димензија на оваа безвременска приказна. Важно е да се напомене, дека во креативниот тим на претставата е вклучен уште еден претставник од нашата држава, македонската костимографка Миа Поповска, чиј современ авторски пристап значајно придонесува за визуелниот идентитет на оваа претстава. Оваа претстава го освои Загреб уште пред премиерата и сите 5 изведби во јуни се во целост распродадени.

Фактот што токму оваа претстава е избрана да ја затвори драмската сезона на HNK претставува уште една потврда за меѓународниот углед на македонските уметници кои со години создаваат театар што ги надминува националните граници и остава траен белег во европската култура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс